Половина од јавниот сектор на минималец, се повеќе работници купуваат билет во еден правец

Јавниот сектор, односно над 110.000 работници земаат плата, која полека, но сигурно се доближува до минималната во државата, а токму поради ниските плати се повеќе работници заминуваат во странство, алармира првиот човек на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски. Тој во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека во ваква, лоша, ситуација – администрацијата се повеќе останува без стручни кадри.

  • Сега, со усогласувањето со оваа минимална плата, усогласување ќе добијат 27.000 вработени во јавниот сектор, додека другите 110.000 што остануваат нема да добијат никакво усогласување со порастот на минималната плата. И оние вработени кои што ќе го добијат, ќе бидат многу поблиску до минималната плата, отколку до просечната плата. Нашето укажување како УПОЗ од 2016 е дека ние мораме да бидеме поврзани со растот на просечната плата, а не со усогласувањето на минималната плата, од причина што моментално во администрација 97 проценти и повеќе се со потпросечна плата, а се поблиску до минималната плата. Кога ќе земете предвид дека цела категорија на референти, се на разлика од 800 денари до минимална плата, ќе видите дека минималната плата е предоминантна во јавниот сектор и во администрацијата и нашата математика е дека околу 80.000 вработени во јавниот сектор се на ниво на минимална плата или 800 денари над минималната плата.

Дека стручниот кадар на големо се иселува постојано алармира и стопанстото. За само една година, нешто повеќе од 9.000 млади купиле билет во еден правец и „побегнале“ од сопствената земја.

  • Околу 9,5 илјади млади луѓе заминуваат од земјава на годишно ниво. Ние инсистираме и во нашиот фокус, како претставници на бизнис заедницата, е постојано да реализираме активности за задржување на младите кадри во земјава. Наша заложба е да придонесеме и државните органи и институции да имаат поголема можност и активности за привлекување на овој кадар заради квалитетни услуги што претставуваат поддршка на бизнисот. Истовремено апелираме да се инвестира во научноистражувачки институти, лаборатории и други соодветни активности што ќе придонесат за поддршка на бизнис заедницата, а ќе може да го апсорбираат овој кадар, истакна Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора.

Претходно, власта кажа дека размислува за увоз на странска работна сила,  зашто според статистиките, годишно ни фалат 10.000 работници.

Синдикатите велат дека овие работници кои би дошле од Пакистан би работеле само еден месец, по што ќе им биде отворена врата во западно европските земји, секако за поголеми плати.

  • Мислам дека можат да привлечат работници кои ќе работат еден месец, но кога ќе дојдат тие вработени, како што кажа вицепремиерот од Бангладеш или Пакистан, ќе останат во нашата држава еден месец и потоа ќе им биде отворена врата за да заминат во западно европските земји каде што исто така имаат голема потреба за работници, а имаат поголеми плати. Жално е да се каже, бидејќи ние предупредуваме на тоа, дека во секоја област на државата ни фалат работници, особено во градежништво, угостителство и туризмот, а државата спиеше. Моментално фалат работници буквално секаде: јавен сектор, приватен сектор имаме недостиг на работници. Имаме информации дека моментално текстилни компании даваат парични награди на моментално вработените доколку привлечат нови вработени. Државата тоа не го прави. 

Проблемот станува се посериозен зашто во земјава никако, реално, да се зголемат платите. Сериозен проблем е и двоцифрената инфлација од 16,7%, што на големо ги јаде парите на работниците.

Иако порасната минималната плата, секако поради инфлацијата таа ќе вреди помалку од лани. Капак на се е дека вештачкото зголемување ќе ја намали и продуктивноста и ќе прдизвика урамниловка, велат бизнисмени за Алфа.

Колку за потсетување, во 2021-та, минималната плата беше 15.194 денари. Тогаш покривала 42,9% од синдикалната минималната кошничка, во 2022-та 18-те илјади денари покривале 40,4%, а сега со најновото покачување на 20.175 ќе покрива само 39,6% од потребите на семејството. Ова буквално значи дека работникот кој прима минималец сепак ќе биде посиромашен од лани полани.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста