Маките на Скопјани: Се возат како „сардини“ и со месеци чекаат решение на проблемот со градскиот превоз

Никако да се реши хаосот со градскиот превоз во главниот град. Возен ред како и да нема зошто не ретко се случува кога дури и по еден час се чека за превоз, а во автобусите секојдневно иста слика – гужви и турканици. Повеќе од 6 месеци приватниците и град Скопје не можат да најдат заеднички јазик.

Став побаравме од ЈСП за проблемот со градскиот превоз, но оттаму молк.

Скопјани постојано пишуваат на социјалните мрежи за тоа, како автобусите стануваат се поретки. Се почесто доцнат на постојките или доаѓаат малку порано и со тоа не го почитуваат возниот ред. Тие се нервозни, зошто се се крши на нивниот грб. Не можат да стигнат на време на работа, на училиште, на лекарски преглед, не можат да ги испланираат секојдневните обврски.

Откако градоначалничката Арсовска реши да го спори долгот од еден и пол милион евра кој ЈСП го должи кон приватните превозници, на градот му недостасуваат 115 автобуси и 245 возачи за дури 16 линии.

Иако по долго време, приватните превозници конечно се сретнаа со директорот на ЈСП, надежите дека јавниот превоз ќе се растерети пропаднаа. Најавите беа дека од 1 април приватниците повторно ќе возат, но и третиот повик на градот беше несупешен. Според надлежните, причината е што апликантите не доставиле целосна докуменатција.

На Арсовска не и успеаа ниту обидите да набави нови, еколошки автобуси. Неодамна советниците повторно одбија да ги одобрат потребните пари, бидејќи оттаму не добиле доволно информации за тоа, како тие ќе бидат потрошени. За неполни две години откако управува со градот, директорите никако да и се погодат на Арсовска. Таа смени преку 20 директори кои се под нејзина надлежност поради разни причини, а дел сами си поднесоа оставка. Смени тројца директори на ЈСП. Од пред два дена со препријатието управува Крсте Петревски од партијата ГРОМ, кој досега управуваше со градски паркинзи.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста