ДСЗИ утврди пропусти за случајот со починатото новороденче, трет протест и за малата Јана во Битола

ДСЗИ при вонредниот надзор во битолската Клиничка болница по смртта на новороденчето, утврдил извесни административни пропусти при лекувањето и третманот на 24-годишната родилка М.К, стои во извештајот на Инспекторатот. Но, засега останува непознато дали имало и лекарска грешка заради која младата мајка по само два часа од пораѓајот го загубила своето првородено машко дете.

„Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така, нема евидентирано анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар М.В. кој го извршил приемот. Против дежурниот лекар, Болницата и одговорното лице во Болницата ќе бидат изречени прекршочни мерки, а додека во врска со стручниот дел од лекувањето и третманот на пациентката, ДСЗИ ќе иницира стручен надзор, согласно чл. 296 од Законот за здравствена заштита“, – се вели во извештајот на ДСЗИ.

  Инаку, како што веќе информиравме младата мајка, немала никакви здравствени проблеми, а бременоста и’ била нормална. Пораѓајот бил извршен со вакуум, бебето било родено живо, но со слаба срцева активност, и по два часа, за жал, ја изгубило битката за живот.

  Вознемирени и крајно загрижени, сочувствувајќи со овој нов смртен случај, но и огорчени што се’ уште се чекаат обдукциските наоди за малата Јана, со што нејзината ненадејна смрт и понатаму останува мистерија, битолчани,  организираа и трет протест. Овој пат пред битолската Болница на кој со вклучување на сирена алармираа, како што рекоа, на алармантната состојба во оваа јавна здравствена установа.

Нашата цел беше преку овие протести да поттикнеме, да го вклучиме алармот во вид на протести, мирни протести. На плоштадот „Магнолија“ излегувавме две недели. Алармот не е вклучен. Дојдовме тука да го вклучиме директно од пред Болницата. И сметам дека оставката не значи ништо, за нас не е никаква сатисфакција, ни капка утеха, бидејќи и самиот директор изјави дека состојбата во Болницата е очајна“, кажа Игор Петковски, кум на Јана и организатор на протестот.

  Од протестот беше и апелирано во Болницата да се направат итни и корените промени како би се ставило крај на ваквите фатални последици по животите не само на децата, туку и на сите други пациенти.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста