УХМР не знае колкаво е нивото на Дојранското езеро, системот не им работел

Поради дефект на системот за мерење, Управата за хидрометеоролошки работи нема податоци за нивото на Дојранското езеро. На интернет страната може да се забележат скоро сите мерни места, освен она за кое периодов се крена голема галама. Од УХМР уверуваат дека станувало збор за системски проблем и дека во следните неколку дена ќе бил надминат.

Иако нема точни податоци за нивото на езерото, според мештаните тоа е веќе намалено за неколку сантиметри, откако биле исклучени пумпите за дотур на вода преку хидросистемот Ѓавато.

И градоначланикот на Дојран признава дека системот бил исклучен за да се заштеди на струја, но вели дека не постои можност да биде предизвикана еколошка катастрофа.

  • Нема шанси за никаква катастрофа поради сопрените пумпи. Системот треба да се одржува во тек на цела година, од големо значење е и неопходен ни е, но тоа не значи и дека треба да работи во тек на цела година. Сега кога имаме водостој над дозволеното, разбирливо е да биде исклучен. Да се потсетиме на случувањата од пред неколку години, кога имавме големи штети поради поплавите, се срушија и дел од плажите поради зголемен водостој. Секогаш со големо внимание и грижа се однесуваме кон езерото и кон секоја промена, но нема место за грижа или пак било каков сензационализам во овој случај. Во постојана комуникација сме со Министерството за животна средина кое раководи со хидросистемот, и никогаш не би дозволиле свесно да се направи било каква штета, вели во изјава за Алфа градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

Упатените алармираат дека во обид да заштеди на струја, државата може да предизвика еколошка катастрофа.

  • Жителите на Дојран веќе неколку месеци зборуваат дека доколку нема вода од на хидросистемот Ѓавато, со кој повеќе од 20 години преку пумпи се полни езерото од македонска страна, на крај на лето може да ни се случи катастрофа, зашто најголем проблем ќе биде во летните месеци кога има најмногу испарување на водата, и кога населенито ги наводнува посевите, па така ако нема дотур на свежа вода, мислам дека дефинитивно ќе се наруши биодиверзитетот на Дојран кој на граѓаните им е на прво место, вели за Алфа Кирил Кречев, Советник во општина Дојран, кој од лице место ни ја долови состојбата во која се наоѓа.

Сепак, хидролозите предупредуваат дека проблемот особено ќе дојде до израз во август и септември, кога е најголемо испарувањето и кога од грчката страна на езерото се вклучуваат пумпите за наводнување. Хидросистемот Ѓавато е изграден во 2002 со цел полнење на Дојранското Езеро.

Проблемот ќе дојде до израз во август и септември, кога од грчката страна на езерото ќе ги вклучат пумпите за наводнување на нивите околу езерото, како и испарувањето на водата поради горештините кои следуваат.

Дополнителен проблем е што каналот во моментов речиси и нема вода и веќе е обраснат со вегетација, па ќе мора да се чисти пред да бидат вклучени пумпите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста