Туршија, ајвар, кисела зелка – зимава изгледа ќе ја минеме без овие традиционални јадења

Традиционалната зимница годинава ќе биде луксуз. Цените на намирниците буквално експлодираа, признаваат трговците, така што традиционалниот домашен ајвар и туршијата сè помалку ќе ги има на трпезите. Граѓаните се жалат дека скапотијата си го направила своето – високите цени, но и ниските плати не им дозволуваат да се подготват во пресрет на зимата. Туршија, ајвар, кисела зелка – зимава изгледа ќе ја минеме без овие традиционални јадења.

  • Како може да биде? Ужасно. Се е поскапено. Ама буквално се, така што мислам дека зимницата оваа година тешко дека ќе си ја дозволиме, велат граѓаните пред камерата на Алфа.

Доматите надминаа 100 денари за килограм, маслото за јадење скокна од 160 до 170 денари, а неизвесна е и цената на ајварската пиперка. Граѓените велат дека ретко кој ќе може да си дозволи да приготвува зимница, а капак на се и скапата струја и огревното дрво кое за метар кубен се продава за 4.500 денари.

  • Сите можни цени скокнаа ненормално. Платите исти, па дури и помали и ние сме ни горе, ни доле, едноставно не знаеме како би го поминале месецот, велат граѓаните.

Дека зимницата станува луксуз потврдуваат и пазарџиите, кои признаваат дека цените на производите се многу повисоки за разлика од лани.

  • Артиклите уште од страрт ги добиваме зголемени, уште од нива, и затоа се е поскапо. А струјата ќе биде капак на се, така што ништо да не не чуди, велат трговците.

Дополнителен проблем било и немањето работници, односно немло кој да ги бере пиперките, доматите, и останатите земјоделски производи.

  • Нема луѓе за работа, нема аргати, нема работници, ниту за 1.000 денари дневница, ни за 1.500 на нива, младите не сакаат да работат за тие пари, не знам што ќе се случува, многу лошо е, ќе биде и полошо, велат пазарџиите за Алфа.

Пазарџиите велат дека годинава била сушна и квалитетниот род е намален, а зголемени се трошоците за одгледување. Дека скапотијата е се поголема сведочат и празните тезги на дел од зелените пазари.

Само лани, за приготвување на една тегла ајвар беа потребни 170 денари, а се продаваше по цена од 300 денари. Годинава, со оглед на скапотијата, една тегла ајвар ќе се продава по цена од над 500 денари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста