Странските инвеститори ги мачи неефикасната администрација, корупцијата и недостатокот на стручни работници во Македонија

Дури една третина, или 30% од странските компании се каат што својот капитал го воложиле во Македонија, разочарани од еден куп административни бариери, како и високото ниво на корупција. Конкретно, дел од германските инвеститори се на чекор – своите фабрики да ги преселат во Србија, Тунис, Мароко, односно во земји со ефикасна администрација, каде што ќе завршат работа на едноставен начин, а не да го губат времето по шалтери и со денови.

  • Компаниите со најслаба оценка ја оценија борбата против корупција и криминалот. Но сметаат дека треба да има подобрување и во правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, како и поголема транспарентност при јавните набавки. Даночниот систем, даночните отпретување и наплатата на побарувања се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години. Најзадоволни се од своите вработени, со највисока оценка се оценува продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените, рече Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и раководен член на Македонско-Германското стопанско здружение.

Германските компании се жалат на недостиг на стручна работна сила што ја има се помалку. Како причина го наведуваат одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и несоодветното стручно образование.

На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инженерски и технички кадар, а најлесно до административен, неефикасен кадар.

  • Војната во Украина остава последици и врз стопанството. Во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании, дури 96,4 отсто одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали. 64,3 отсто очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46, 4 отсто веќе имаат недостиг на материјали за производство. 28,6 отсто очекуваат да дојде до прекин на производството и исто толку испитаници очекуваат пад во нарачките. 25 отсто очекуваат да дојде до нарушување на трговската размена, а само 14,7 отсто мислат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери. 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто рекле дека тоа ќе се случи дури во 2023 година, рече Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и раководен член на Македонско-Германското стопанско здружение.

Еден од главните проблеми со кои се соочуваат бизнисмените е лошата инфраструктура, и дупки по патиштата посебно во внатрешноста. Последен во низата реагираше нобеловецот Пол Кругман кој вели дека клучот за економски развој и привлекување на инвеститори е во добрата инфрастуктура. Патиштата ви се лоши, поправете ги, рече тој.

  • Фабриките од Холандија и Белгија ако сакате да го пренесат производството тука, најважна е таа инфрастуктура за транспорт, вели Пол Кругман нобеловец по економија.

Компаниите кои работат во индустриските зони, во последниве две години се соочуваат со бројни проблеми – алармираа дека поради прекинатите синџири на испорака, производството се одвива забавено, се соочуваат со можност од прекин на снабдување со гас чија цена, а континуирано кубурат со квалитетен кадар за работа.

Од Делегацијата информираат дека во 2021 година од Македонија во Германија се извезени добра во вредност од 3,5 милијарди евра, увозот од Германија 1,2 милијарди евра, додека вкупната трговска размена изнесува 4,7 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 за 907 милиони евра.

За разлика од Македонија која лани привлече 512 милиони евра и се најде во друштво на Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, само соседна Србија лани привлече речиси 4 милијарди евра странски капитал. Во последниве три години и покрај кризата, имаат над 9 милијарди евра странски инвестиции, додека за тој период во Македонија влегле едвај една милијарда евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста