Дали Европската Унија во делот на пристапниот процес на нови земји-членки, води политика на двојни аршини? Ова прашање се наметнува по неодамнешната одлука на Унијата да започнат пристапните преговори за полноправно членство со Украина и со Молдавија. Двете држави пристапот кон Унијата го отпочнуваат со еден куп проблеми. Украина е во војна со Русија и […]
Дали Европската Унија во делот на пристапниот процес на нови земји-членки, води политика на двојни аршини? Ова прашање се наметнува по неодамнешната одлука на Унијата да започнат пристапните преговори за полноправно членство со Украина и со Молдавија.
Двете држави пристапот кон Унијата го отпочнуваат со еден куп проблеми. Украина е во војна со Русија и нема контрола над голем процент од својата територија.
Сериозни внатрешни проблеми има и Молдавија, која три децении се соочува со нерешениот статус на Приднестровје – отцепен регион со кој „де факто“ Кишињев нема контрола.
За разлика од овие две земји, Македонија и целокупниот регион на Западен Балкан се далеку посредени и поперспективни држави, сепак тие долги години се заглавени во евроинтегративниот процес.
-Веќе не е тајна дека геополитиката игра поголема улога или ајде барем еднаква улога како и меритократијата, во однос на европското проширување. Како што и вие наведовте, Украина и Молдавија имаат сериозни проблеми особено во односите со Русија. Украина буквално крвари за да може да биде дел од европското семејство, а Молдавија едвај се изборува на избори за да може да победи проевропската страна. Ова би го нарекол од страна на ЕУ и награда и подарок, за одржување на проевропскиот моментум во овие држави, за да се изолира руското влијание во иднина. Во однос на нас тоа е политика на двојни аршини, тука зборувам за сите земји од Западниот Балкан, тоа се многу посредени држави – вели политикологот Димитар Николовски.
Николовски смета дека во моментов, Македонија, но и целиот регион не се наоѓа на високите позиции од европската агенда.
-Во овој момент, мислам на Македонија, не сме толку високо во агендата на ЕУ, да направат напори за да ни помогнат и да ги исполнат уловите што ние ги бараме-додаде Николовски.
Киев и Кишињев од понеделник официјално ќе ги отпочнуваат преговорите со Европската Унија. Првиот преговарачки кластер опфаќа пет поглавја: јавни набавки, статистика, правосудство и темелни права, како и правда, слобода и безбедност. Овие области се сметаат за основа на пристапниот процес и традиционално први се отвораат, а последни се затвораат во текот на преговорите.
Кластерот ги опфаќа клучните вредности врз кои е изградена Европската Унија, вклучувајќи го владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и заштитата на основните права.
Срѓан Ивановиќ
