Коалициските партнери се уште не постигнале договор за реконструкцијата во Владата, а од неофицијални извори се дознава дека преговорите на релација ВМРО-ДПМНЕ – ВРЕДИ и ЗНАМ ќе продолжат со несмален интензитет во текот на викендот. Доколку се постигне договор, тогаш може да се очекува и формален предлог за новиот изглед на владиниот состав од страна на премиерот Христијан Мицкоски до Собранието.
Претседателот на законодавниот дом Африм Гаши, потврди дека до него не пристигнал никаков допис од премиерот, навестувајќи дека согласно законската регулатива, доколку во реконструкцијата бидат сменети шест или повеќе министри, тогаш ќе следува гласање за нова Влада.
„Што се однесува до реконструкција на Владата и новите министри зависи од тоа каков ќе биде тој предлог, а потоа предлогот ќе биде испратен до пратениците и ставен во процедура согласно деловникот“, изјави Гаши.
Во моментов се шпекулира дека 7 или 8 министерски позиции ќе бидат реконструирани. Неофицијално се прави евалуација на сите министри, а не само на одредени имиња кои се споменуваат во јавноста.
Според шпекулациите со новата реконструкција ВМРО-ДПМНЕ ќе ги земе ресорите Здравство и Социјална работа и демографија, како и Евроинтеграции, а ВРЕДИ во замена ги зема Правда, Култура, Спорт и Односи меѓу заедниците. Иако за ресорот Правда според партиски извори се уште не биле дефинитивно расчистени дилемите кој да го раководи ова министерство. Освен овие рокади, вицепремиерското место за добро владеење што се испразни по оставката на Арбен Фетаи, веројатно ќе премине во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
