Оперативниот план за 2026 година го помина и последниот филтер. Комисија за заштита на конкуренцијата денеска даде зелено светло за предложените мерки, со што Планот веќе станува активен. Неговата вредност е 40 милиони евра, а новина е што мерките кои лани се покажале како неатрактивни за корисниците годинава целосно се укинуваат, додека средствата од помалку […]
Оперативниот план за 2026 година го помина и последниот филтер. Комисија за заштита на конкуренцијата денеска даде зелено светло за предложените мерки, со што Планот веќе станува активен.
Неговата вредност е 40 милиони евра, а новина е што мерките кои лани се покажале како неатрактивни за корисниците годинава целосно се укинуваат, додека средствата од помалку атрактивните мерки се алоцираат во двете најатрактивни мерки, велат од Министерство за економија и труд.
„Оние мерки кои не дадоа резултати се комплетно укинати, тоа се неколку мерки, додека од понеатрактивните мерки финансиските средства се алоцирани во двете најатрактивни мерки од самиот План, а тоа се мерката за самовработување и помош на правните субјекти за вработување на невработени лица. Главната цел на Оперативниот план за 2026 година е вработување, пред сè, на млади луѓе до 29 години“, вели Марјан Ристески.
Годинава право на апликација за мерките ќе имаат само оние лица кои имаат завршено минимум средно образование. Напоредно, корисници на овие средства, за првпат, ќе можат да бидат и млади повратници, при што тие ќе добиваат 10 проценти повеќе средства.
„За првпат се опфатени и иселениците кои ќе можат да ги користат сите овие грантови предвидени во овие две мерки, плус 10 проценти од самиот грант. Да појаснам, доколку се лица до 29 години, тогаш би можеле да искористат, на пример, ако помошта е 10.000 евра, за повратниците плус 10 проценти, тоа ќе бидат 11.000 евра. Истото важи и за другите мерки кои ги спомнав претходно“, појаснува Ристески.
Лани со овие мерки се вработиле околу 4.500 млади луѓе. Со алоцирањето на средствата од неатрактивните во атрактивните мерки, годинава се очекува тој број да достигне меѓу 5.500 и 6.000 нововработени лица. Јавниот повик за аплицирање ќе биде објавен наредната недела.
