Нов погон за производство на производи и аксесоари за спортови на вода, со нови вработувања на уште 30-тина луѓе покрај веќе постојните 230, отвори германско-холандската компанија „Бреинчајлд“ во битолската Индустриска зона „Жабени“. „Кога пред пет години го отворивме нашиот Центар за истражување и развој во Битола, јас го препознав огромниот потенцијал на Македонија, земја која […]
Нов погон за производство на производи и аксесоари за спортови на вода, со нови вработувања на уште 30-тина луѓе покрај веќе постојните 230, отвори германско-холандската компанија „Бреинчајлд“ во битолската Индустриска зона „Жабени“.
„Кога пред пет години го отворивме нашиот Центар за истражување и развој во Битола, јас го препознав огромниот потенцијал на Македонија, земја која последните години покажа импресивен позитивен развој… Овој напредок во голема мера се должи на далекувидната и посветена работа на вашата Влада“, рече Ралф Хенинг Гросел, сопственик на „Бреинчајлд“.
Придобивките од работата на оваа, но и на другите компании кои стопанисуваат во ИЗ „Жабени“, ги чувствуваат и битолчани, но и жителите од соседните градови.
„Радува фактот што во последниве години тука имаме неколку нови инвестиции, а на седум јавни наддавања купени се преку 20 локации… Пред четири години, кога дојдовме како нова локална самоуправа, во оваа зона имаше сериозна стагнација“, посочи Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Проширувањето на странските индустриски капацитети во земјава е резултат на поволната и стабилна економска клима, но и на поддршката што оваа Влада им ја дава на инвеститорите за тие да станат додадена вредност на македонската економија. Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на отворањето на новиот погон, најави и уште две нови инвестиции во Жабени од други инвеститори.
„Денеска имаме приватна иницијатива која на почетокот на оваа Влада започна со процесот на реализирање на оваа инвестиција… Станува збор за една ретка инвестиција за производи кои кај нас не се користат така често, но во светот и тоа како се користат во делот на спортовите на вода, така што нам како Влада ни претставуваше особена чест и задоволство да можеме да поддржиме една ваква инвестиција, каде што веќе околу 230 луѓе се вработени, а станува збор за инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.
Инаку, „Бреинчајлд“ се занимава со истражување и развој на нови производи од уникатни, еколошки репроматеријали со цел добивање специфичен материјал за производство на опрема за спортови на ветер и вода. Брендот „Бреинчајлд“ во земјава има формирано две компании, односно „Бреинчајлд продукција“ и „Бреинчајлд производство“.
