Амбулантата во Делчево, каде се користи иновативен современ апарат за теледерматологија ги отвори вратите за своите пациенти. Овде пациентите со кожни заболувања од Делчево добиваат стручна дијагноза и препорака од специјалисти од Клиниката за дерматологија, без потреба од физичко присуство на лекар специјалист со што значително ќе се намали времето на чекање, трошоците за патување […]
Амбулантата во Делчево, каде се користи иновативен современ апарат за теледерматологија ги отвори вратите за своите пациенти. Овде пациентите со кожни заболувања од Делчево добиваат стручна дијагноза и препорака од специјалисти од Клиниката за дерматологија, без потреба од физичко присуство на лекар специјалист со што значително ќе се намали времето на чекање, трошоците за патување и оптоварувањето на здравствените установи во главниот град.
Увид во работата на амбулантата денеска направија градоначалникот Иван Гоцевски и директорката на ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“, д-р Билјана Георгиевска кои го истакнаа значењето од примената на телемедицината која е ефикасна, безбедна, евтина и резултира со задоволство на пациентите.
-Ме радува што граѓаните на Делчево ќе имаат можност да ги осетат придобивките на телемедицината, во конкретниот случај на теледерматологијата која значи добивање квалитетна здравствена услуга и специјалистички наод и мислење во Делчево без дополнителни чекања и патувања до медицинските центри, без трошоци и нервози. Преку овој иновативен и современ метод, значително се подобрува здравствената заштита на граѓаните во помалите места посебно во услови на хроничен недостиг на специјалисти. Затоа, изразувам посебна благодарност до Министерството за здравство, но и до здравствените работници во Делчево и сите институции вклучени во реализацијата на овој проект, нагласи Гоцевски.

Директорката Ѓеоргиевска истакна дека интересот кај пациентите е голем, а наскоро оваа амбуланта ќе добие и регионален карактер и ќе ги опслужува пациентите од регионот.
-Телемедицината е иднината во здравството и овој проект претставува значаен чекор кон унапредување на здравствените услуги за граѓаните од Делчево и околината, нагласи д-р Ѓеоргиевска.
Првиот пилот-проект за телемедицина во областа на дерматовенерологија (теледерматологија) се реализира на релација Скопје–Дебар–Делчево и претставува суштинска реформа која го менува начинот на кој пациентите пристапуваат до здравствената заштита.
Делчево има позитивно искуство од примената на телемедицината и од примената на првиот апарат за далечинско мониторирање на пациентите што се однесуваше на еден иновативен систем за нега на постари лица- далечински мониторинг на пациентите и дијагностика во Општина Делчево, кој работи успешно и е ставен во функција на јавното здравство во Интерната амбуланта во Делчево.
