Skip to content

ФУЕН: АГСМ на семинарот во Тирана отвори важни прашања за иднината на македонската заедница во Албанија

Федералната унија на европските националности, во чии рамки делува работната група на словенските малцинства (АГСМ) во објава за одржаниот 29-тиот семинар на АГСМ, посочувајчи дека на овој „значаен настан се отворени важни прашања за иднината на македонската заедница во Албанија”.  – Фокусот беше ставен на состојбата на македонската заедница во Албанија, прашањата за јазикот, образованието, културниот […]

Федералната унија на европските националности, во чии рамки делува работната група на словенските малцинства (АГСМ) во објава за одржаниот 29-тиот семинар на АГСМ, посочувајчи дека на овој „значаен настан се отворени важни прашања за иднината на македонската заедница во Албанија”. 
 
– Фокусот беше ставен на состојбата на македонската заедница во Албанија, прашањата за јазикот, образованието, културниот идентитет, политичкото учество и институционалното признавање, како и улогата на националните малцинства во Западен Балкан на патот кон Европската Унија, објави ФУЕН. 

Се додава дека портпаролот на АГСМ и потпретседател на ФУЕН, д-р Хартмут Лајпнер, го опишал семинарот како „пресвртница“. 
 
“Состанокот во годината на јубилејот, 30 години од АГСМ, го истакна растечкиот дострел на групата, која денеска обединува 32 организации-членки од 11 земји и е најголемата работна група во рамките на ФУЕН. Лајпнер, исто така, ја нагласи важноста на правата на малцинствата во процесот на ЕУ, оценувајќи дека тие се централен дел од владеењето на правото и демократскиот развој, се нагласува во објавата.

На отворањето, АГСМ ја доби наградата „Илинден“ за својата посебна посветеност на македонското национално малцинство во Република Албанија. 
 
– Придонесите од експерти и изложбата за образование на мајчин македонски јазик дадоа увид во состојбата на заедницата на терен. Панел дискусијата јасно стави до знаење: Албанија создаде важни темели со Законот за национални малцинства од 2017 година, но она што останува одлучувачко е правата предвидени во законот да се спроведуваат и во пракса, посочува унијата.

Претставниците од политиката и малцинските организации се осврнаа на конкретни предизвици, вклучувајќи ја политичката застапеност, усогласувањето со европските стандарди и прашањата за асимилација и демографскиот развој. Постоеше согласност дека малцинствата се додадена вредност за општеството и демократијата. 
 
Покрај јавната програма, семинарот послужи и за внатрешната работа на АГСМ. Организациите-членки известуваа за актуелните случувања во нивните заедници, тековните проекти и заедничките грижи во рамките на ФУЕН. Размената со политичките институции беше исто така дел од програмата: Во Парламентот на Република Албанија, учесниците добија увид во парламентарната работа и се осврнаа на прашања поврзани со малцинствата. Средбите со институциите и културната програма го надополнија настанот.

 Триесетгодишнината од АГСМ беше одбележана со свечена вечер. ФУЕН  особено им се заблагодари на домаќините од Македонското друштво „Илинден“-Тирана за организацијата и гостопримството. 
 
– Семинарот се одржа од 4 до 7 јуни, во Тирана и тоа за првпат во Албанија.  Учествуваа  40 претставници на словенските малцинства од цела Европа. Настанот беше организиран заедно со Македонското друштво “Илинден“-Тирана и претседателот Никола Ѓурѓај, кои го претставуваат македонското малцинство во Албанија, и се покажаа како достојни домаќини, нагласува ФУЕН.

Работната група  за словенски малцинства (АГСМ) при ФУЕН е основана во 1996 година и ги обединува организациите на словенските малцинства од различни европски земји. Како дел од мрежата на FUEN, таа им нуди на своите членови платформа за размена, соработка и заедничко претставување на интересите. Годишната серија семинари се одржува секоја година во различен регион со словенско малцинство и дава увид во состојбата на соодветната заедница на терен.

Реклама

Уште од Вести