Skip to content

Јотова стравува дека ќе се отфрлат делови од извештајот за напредокот на Македонија за историската комисија

Очекувано, бугарските власти палењето на автомобилите пред бугарската амбасада во Скопје го протолкуваа како напад врз Бугарија. „Инцидент без преседан“ – е оценката на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Таа очекува бугарските европратеници да го соопштат ова на седницата на Европски парламент, на која ќе се дебатира за извештајот за напредокот на Република Македонија на […]

Очекувано, бугарските власти палењето на автомобилите пред бугарската амбасада во Скопје го протолкуваа како напад врз Бугарија. „Инцидент без преседан“ – е оценката на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Таа очекува бугарските европратеници да го соопштат ова на седницата на Европски парламент, на која ќе се дебатира за извештајот за напредокот на Република Македонија на патот кон ЕУ.

Инцидентот, кој според јавноста по многу основи изгледа како да е намерен, бидејќи е сниман како да бил очекуван, веднаш го осуди Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, оценувајќи дека станува збор за сериозен и неприфатлив чин.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот“, се наведува во соопштението на Министерството.

Инаку, Јотова, само неколку дена пред гласањето во Европскиот парламент, тврди дека се подготвува бришење на дел од текстот за напредокот на Македонија во резолуцијата за извештајот за напредокот на Македонија.

Според Јотова, предупредувањето дошло од бугарски европратеници кои ѝ сигнализирале дека во последен момент може да биде отстранета референца за работата на заедничката комисија меѓу Скопје и Софија.

„Имам алармантни сигнали од моите колеги европратеници дека во последен момент во пленарната сала ќе се обидат да отстранат еден од текстовите што се однесуваат на работата на заедничката комисија, која работи неколку години според член 12 од Договорот за добрососедство“, изјави Јотова.

Според неа, со таков потег би се довело во прашање значењето на досегашната работа на Комисијата.

„На овој начин, тие ја прават нејзината работа и нејзините заклучоци бесмислени во иднина“, додаде таа.

Реклама

Уште од Tоп