НУ Музеј на македонската борба за самостојност во соработка со Амбасадата на Италија во РС Македонија денеска во 17:00 часот во Порта Македонија организира предавање и изложба посветени на историските случувања на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Од италијанската Амбасада информираат дека предавањето и изложбата се посветени на историските и културни врски […]
НУ Музеј на македонската борба за самостојност во соработка со Амбасадата на Италија во РС Македонија денеска во 17:00 часот во Порта Македонија организира предавање и изложба посветени на историските случувања на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.
Од италијанската Амбасада информираат дека предавањето и изложбата се посветени на историските и културни врски во периодот меѓу двете светски војни, во координација на м-р Даниела Николова.
Во рамките на програмата, историчарот проф. Фабио Котифава ќе одржи предавање на тема „Италијанската експедиција на Македонскиот фронт во Големата војна: човечката димензија на конфликтот“. Предавањето ќе понуди нови согледувања за улогата на италијанските сили на Македонскиот фронт и за човечките судбини обликувани од воениот конфликт.
По предавањето ќе биде отворена изложбата „Од другата страна на фронтот“, чии автори се м-р Даниела Николова, кустос советник, и Даниела Митевска, кустос од НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
Изложбата претставува избор на репродукции од делата на италијанскиот сликар Алфонсо Коради (1869–1957), кој престојувал во земјата за време на Првата светска војна.
Преку неговите цртежи, слики и поштенски картички се документирани македонските предели, населби и секојдневниот живот во годините на воениот конфликт, оставајќи драгоцено визуелно сведоштво за еден значаен период од историјата на земјата и заедничко историско наследство што ги поврзува Италија и Македонија.
Настанот е дел од заложбите за продлабочување на културната соработка меѓу Италија и Македонија и за промоција на историските и културните врски меѓу двата народа.
