Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека последните потези од Бугарија не го прават оптимист дека ќе има напредок во разговорите за нашиот евроинтеграциски пат, односно почетокот на преговори со ЕУ. Мицкоски рече дека е преседан вчерашното објавување информации за дипломатска нота за неговото семејство кое било на патување во Пампорово. – Па јас не очекувам. […]
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека последните потези од Бугарија не го прават оптимист дека ќе има напредок во разговорите за нашиот евроинтеграциски пат, односно почетокот на преговори со ЕУ. Мицкоски рече дека е преседан вчерашното објавување информации за дипломатска нота за неговото семејство кое било на патување во Пампорово.
– Па јас не очекувам. Сигналите коишто доаѓаат од таму не ме прават оптимист, напротив состојбата се радикализира. Еве да речеме вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши пријатели во Пампорово. Нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете ние сега да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста. Така што, вчера видов еден преседан – изјави премиерот Мицкоски, кој беше на настан во основно училиште во Скопје.
За објавувањето на информацијата за дипломатската нота премиерот рече дека ги информирал и партнерите од НАТО, бидејќи на тој начин се загрозува безбедноста на неговото семејство.
– Сепак сме ние земја членка на НАТО. Јас навистина ја користам оваа прилика и на мојата сопруга и на мојот помал син Антони да им се извинам што мора сето ова да го трпат. Но, сите овие индикатори коишто ги гледаме не велат дека одиме кон подобрување, туку напротив имаат некои аматерски потези коишто за мене се тотално неразумни и нејасни – рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека ние и натаму треба да останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да испорачуваме за реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата…
– Тоа е она коешто претставува наша задача како Влада. Тие нека си ја тераат својата работа, ние работата за којашто сме бирани од граѓаните, а тоа е да испорачуваме проекти и да решаваме проблеми – изјави Мицкоски.
