Skip to content

Со пензионерска дружба означен почетокот на туристичката сезона во Дојран

Со исчистени и попесочени плажи, искастрена вегетација и уредено шеталиште, Дојран денеска пречека десеттици автобуси со пензионери од цела Македонија. На традиционалниот настан наречен „Под јаворите” секое лето со собирање на пензионери од целата држава се означува почетокот на летната туристичка сезона, во духот на дружењето, традицијата и убавините на Дојранското Езеро. Жители на Струмица, […]

Со исчистени и попесочени плажи, искастрена вегетација и уредено шеталиште, Дојран денеска пречека десеттици автобуси со пензионери од цела Македонија.

На традиционалниот настан наречен „Под јаворите” секое лето со собирање на пензионери од целата држава се означува почетокот на летната туристичка сезона, во духот на дружењето, традицијата и убавините на Дојранското Езеро.

Жители на Струмица, Велес, Гевгелија, Прилеп, Кочани, Куманово, Свети Николе и други градови беа дочекани со познатата македонска балада „Љуби ме и главата горе”. Претставниците од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија ги поздравија своите членови со пораката да продолжат да го негуваат другарството, меѓусебната почит и активниот живот во третото доба.

Успешна летна туристичка сезона на сите посетители на Дојран им порача и градоначалникот на Општината Илија Тентов. Тој потсети дека во изминатиот период се средуваа плажите, се исчисти крајбрежјето од дрвени столбови кои пречат на капачите, а се реконструира и патеката покрај езерото на потегот од пазарот во Стар Дојран до амфитеатарот.

– Не сум дојден во Дојран околу пет години. Сега вторпат доаѓам. Убаво е да се посети Дојран, езерото да го видиме и настапот да го погледнеме. Се гледа дека е исчистено. Овде имаше трски и трева, сега е средено. Плажите се уредени и може да се привлечат туристи, пак да се вратиме, да дојдеме и на одмор тука, бидејќи море немаме, вели Славе Ангеловски пензионер од Свети Николе.
Истото мислење го споделува и неговиот пријател кој за настанот се информирал од Здружението на пензионери од општина Свети Николе. 

– Нашето здружение има околу 400 членови, а денес сме дојдени со два автобуси. Убаво е во Дојран, што е најбитно чисто е, и водата и природата, вели пензионерот од Свети Николе.

Задоволни од пречекот и природните убавини на Дојран беа и пријателките Цветанка Петрова и Виолета Пешевска од Кочани кои заедно го разгледуваа езерското крајбрежје.
– Децата додека ни беа мали доаѓавме на Мрдајата, беше навистина убаво, но не сум дошла може десеттина години. Сега гледам дека е убаво средено, ни кажа Петрова.

Со став дека состојбата се подобрува, а плажите се средуваат, е и пензионерка од источниот крај, која неодамна решила да си купи камп во Дојран во кој ќе ги мине мирните пензионерски денови. 
– Имам камп тука, кој си го купив неодамна. Лани заминав во пензија и го купив кампот на влезот во Стар Дојран за да си ги поминам тука пензионерските денови. Кога тргнав на работа во 1988 година, на првиот ден си реков дека кога ќе отидам во пензија ќе живеам во колиба и покрај вода. Мислам дека сега ќе биде подобро во Дојран, доколку е чиста водата и доколку има вода во езерото, порача оваа жителка на Кочани.

Реклама

Уште од Вести