Skip to content

Прилеп се подготвува за Фестивалот на пивото

Враќање на стариот сјај и на некогашната популарност, со цел поголема туристичка промоција и раздвижување на локалната економија на градот. Финишираат подготовките за годинашното, 23-то издание на познатиот прилепски Фестивал на пивото и скарата 2026, кој традиционално ќе се одржи во првиот викенд по Петровденските пости. На трите фестивалски вечери ќе продефилираат бројни популарни домашни, […]

Враќање на стариот сјај и на некогашната популарност, со цел поголема туристичка промоција и раздвижување на локалната економија на градот. Финишираат подготовките за годинашното, 23-то издание на познатиот прилепски Фестивал на пивото и скарата 2026, кој традиционално ќе се одржи во првиот викенд по Петровденските пости.

На трите фестивалски вечери ќе продефилираат бројни популарни домашни, но и балкански музички ѕвезди, а учество ќе земат околу десетина пиварници од земјава и странство, кои ќе понудат дваесетина брендови на пиво. Поради амбициозните планови и програмата, локалните власти годинава двојно го зголемија буџетот за поддршка на оваа манифестација.

„Организатор оваа година, по поднесено барање, е Здружението на граѓани „Вајб ивентс“. Со нив потпишавме и Меморандум за соработка. Ние како Општина Прилеп оваа година ќе го поддржиме овој фестивал со 2 милиони денари. Тие 2 милиони денари ќе бидат искористени за да се покријат авторските договори на изведувачите кои ќе настапуваат во тие три фестивалски вечери“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

На фестивалската сцена, покрај домашните музички имиња: Огнен Здравковски, „Бонгас енд гитарс“, „Локдаун“, „Д’хаундс“, Јордан Митев и Марјан Коцев, ќе запеат и балканските ѕвезди: Џенан Лончаревиќ, Милица Павловиќ и Јелена Розга.

„Во тек се преговори со останати претставници на пиварници и, се разбира, со други угостители кои ќе учествуваат со свои штандови, на кои ќе се понуди традиционална вкусна прилепска скара, како и различни видови пиво. Што се однесува до музичката програма, секој ден – петок, сабота и недела, на 17, 18 и 19 јули, се започнува со диџеј. Диџеј-програмата ќе трае од 19 до 20:30 часот“, рече Илија Волчески, водител на фестивалот.

За време на фестивалот, Чаршијата ќе има продолжено работно време, а комуналната хигиена и безбедноста ќе бидат на највисоко можно ниво, уверуваат од локалната самоуправа.

Реклама

Уште од Tоп