Skip to content

Работата на заедничката бугарско-македонска историска комисија ќе остане дел од редовните годишни извештаи за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, што се поднесува пред Парламентот на Унијата. Амандманот на известувачот за Македонија, Томас Вајц, со кој се предвидуваше бришење на Вториот протокол што произлегува од Договорот со Бугарија, беше отфрлен од европратениците на денешната […]

Работата на заедничката бугарско-македонска историска комисија ќе остане дел од редовните годишни извештаи за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, што се поднесува пред Парламентот на Унијата. Амандманот на известувачот за Македонија, Томас Вајц, со кој се предвидуваше бришење на Вториот протокол што произлегува од Договорот со Бугарија, беше отфрлен од европратениците на денешната пленарна седница на Парламентот на ЕУ одражана во Стразбур. Против амандманот гласаа 338 членои на евро-парламентот, додека 126 гласаа за. Останува параграфот 73 кој е значаен бидејќи во него се повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“ и својата работа да ја заснова на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“ согласно со Вториот протокол. Во текстот е присутен и поимот „заедничка историја“. Во извештајот се укажува дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски во однос на уставните измени, при што се потсетува на ставот на Советот на Европската Унија дека нова меѓувладина конференција ќе биде одржана откако земјата ќе ги спроведе потребните измени во Уставот.

Инаку, европратениците го одобрија извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година. Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа „против“. Во Извештајот се забележани позитивни чекори во исполнувањето на реформската агенда, а очекувано се нотира стагнација во областа на владеење на правото, борбата со корупцијата и независноста на правосудството. Самиот Вајц претходно посочи дека иако Македонија не ги исполнила сите очекувања, дека тоа ѝ се случува и на самата ЕУ.

Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека и ние во Европската Унија дадовме ветувања што не ги исполнивме“, вели Вајс.

Покрај известувачот за Македонија, Томас Вајц, поддршка за земјата искажа и португалскиот известувач во сенка Антонио Танжер Кореја.

„Повеќето од овие земји порано беа многу поблиску до ЕУ. Наша е вината, поради тоа што ги напуштивме. Во однос на Република Македонија, се согласувам дека ни е потребна во ЕУ, но нема потреба да се мешаме во нивниот политички систем и во нивната рамка. Тоа оди подалеку од Копенхашките критериуми, што не е прифатливо“ рече Кореја.

Во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос

Време е да ги интегрираме земјите од Западен Балкан во ЕУ, за да ги коригираме на некаков начин грешките направени во минатото, кога околностите беа поинакви“, изјави Кос.

Сепак, главниот фокус на дебатата беа запалените автомобили пред бугарската амбасада. Бугарските европратеници испратија заедничко писмо до своите колеги во Европскиот парламент со осуда за настанот. Во писмото стои дека со инцидентот се доведува во прашање способноста на властите да ја гарантираат безбедноста на странските дипломатски мисии во согласност со нивните меѓународни обврски и покрај фактот дека ицидентот беше осуден од сите државни институции, а сторителот беше експресно уапсен и испратен во притвор.

Срѓан Ивановиќ

Реклама

Уште од Tоп