Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави книгата „Поглед однатре: Правен факултет Јустинијан Први, 1960-2006“ од универзитетскиот професор, правник и автор во областа на уставното право проф. д-р Светомир Шкариќ. Како што наведува „Или-Или“, книгата претставува уникатно сведоштво за развојот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, виден низ личното искуство на авторот како студент, асистент, професор […]
Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави книгата „Поглед однатре: Правен факултет Јустинијан Први, 1960-2006“ од универзитетскиот професор, правник и автор во областа на уставното право проф. д-р Светомир Шкариќ.
Како што наведува „Или-Или“, книгата претставува уникатно сведоштво за развојот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, виден низ личното искуство на авторот како студент, асистент, професор и активен учесник во академскиот живот во периодот од 1960 до 2006 година.
-Составена од 28 хронолошки подредени есеи, напишани јасно и непосредно, книгата го отвора погледот кон една страна од факултетот која останала недоволно позната за пошироката јавност. Авторот пишува за своите професори и нивниот придонес во развојот на правната наука, за академската атмосфера во амфитеатрите и предавалните, за научниот развој на факултетот, како и за процесите што го обликувале високото образование во Македонија. Посебно место во книгата имаат прашањата поврзани со академскиот интегритет, критиката на непотизмот, нерегуларностите во испитните постапки и незаконитото унапредување во повисоки научни звања. Преку лични сведоштва, архивски податоци и непосредни искуства, авторот го анализира периодот на транзицијата од социјализам кон капитализам и нејзиното влијание врз угледот и вредносниот систем на Правниот факултет, информира „Или-Или“.
Проф. Шкариќ во воведот истакнува дека книгата претставува „сеќавање како одбрана од заборавот“. Таа е истовремено лична мемоарска хроника, академско сведоштво и повик за зачувување на вредностите врз кои се темели универзитетската заедница.
-Судбината сакала студентскиот живот и целиот работен век да ги поминам на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Тоа ми овозможи факултетот да го видам однатре, од страната која не е позната на пошироката јавност, пишува авторот.
