Skip to content

Јавна расправа за Предлог законот за соодветна и правична застапеност

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се одржа јавна расправа за Предлог – законот за соодветна и правична застапеност, во прво читање кој се носи во редовна постапка. Експерти и пратеници ги изнесоа своите видувања за законот, а дел од нив изнесоа низа предлози за негово подобрување, но исто така и […]

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се одржа јавна расправа за Предлог – законот за соодветна и правична застапеност, во прво читање кој се носи во редовна постапка. Експерти и пратеници ги изнесоа своите видувања за законот, а дел од нив изнесоа низа предлози за негово подобрување, но исто така и следење на имплементацијата на законот.  

Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, ја истакна важноста од вклучувањето на стручната и експертската јавност во процесот и повика на конструктивна и широка расправа, со цел преку заеднички придонес да се дојде до најсоодветно и квалитетно законско решение. Пренџов посочи дека дел од изнесените предлози и забелешки ќе бидат разгледани и вградени во текстот на Предлог-законот за второто читање, со цел да се обезбеди што поквалитетно и сеопфатно законско решение.

Професорот Артим Салиу, професор по управно право смета дека се создава впечаток дека вработувањата согласно балансерот биле незаслужни и спротивни на исполнување на критериумите и мерит системот, што според него не е вистина бидејќи при секое вработување се применувале законските утврдени критериуми, условите предвидени во систематизацијата на работните места како и постапките за проверка на стручноста и компетентноста на кандидатите. Тој смета дека со балансерот не се исклучувал мерит системот, туку напротив. Второ прашање, според проф. Салиу што треба да се отвори е етничката идентификација што, како што кажа, е една од најкотроверзните точки во овој Предлог закон.

– Постојат сериозни дилеми околу начинот на утврдување на етничката припадност бидејќи предложеното решение не обезбедува доволна правна сигурност и остава простор за различни толкувања и можни злоупотреби. Со лична карта може да се идентификува име и презиме, ама и не нација – рече тој.

Уставот ја штити мултиетничноста на државата, додаде тој, а податоците за заедницата можат да помогнат да се обезбеди правична и соодветна застапеност во администрацијата. 

Според професорот, новиот Предлог закон има потреба од институционална рамка за санкции и постоење на казнени одредби во законот со коишто ќе се гарантира дека соодветната и правичната застапеност ќе се применува во практика. Во тој контекст смета дека е потребно зајакнување на постојните механизми за, наместо формирање на Координативно тело, како што е предвидено со Предлот законот. 

Проф. Александар Спасеновски од Правниот факултет, кој беше дел од работната група за законот, истакна дека соодветната и правичната застапеност е темелна вредност на уставниот поредок и е категорија која извира од Охридскиот рамковен договор и тоа е нешто кое што ја операционализира потребата од постоење добри меѓуетнички односи.  

Тој потенцираше дека како резултат на неправилности и злоупотреби од минатото и забелешки на меѓународната заедница владејачките партии размислуваа како да изнајдат решение кое ќе ја антиципира потребата од постоење на правична и соодветна застапеност, ќе ја надогради и ќе ја унапреди, но притоа ќе го зајакне системот на заслуги. – Резултатот од тоа е овој Предлог закон за соодветна и правична застапеност. Се разговараше и се дебатираше повеќе од девет месеци, серија на  експерти и политичари разговараа и се обидуваа да изнајдат решение кое ќе ја исцрта оваа прецизна линија помеѓу потребата од унапредување на правичната и соодветната застапеност од една страна, но од друга страна натамошно зајакнување на системот на заслуги – рече проф. Спасеновски. 

Тој рече дека стои зад овој закон со сиот негов кредибилитет, знаење и искуство. – Зошто го велам тоа? Заради тоа што основата е да постигнеме баланс на три нивоа. Првото ниво е ниво на согласност, одобрение и прифаќање од страна на припадниците на сите етнички заедници. Оваа дискусија денес е добра потврда во таа насока бидејќи, иако постојат забелешки од страна на почитуваните колеги професори од другите универзитети, сметам дека во суштина се одобрува и се прифаќа пристапот во ова законско решение – рече проф. Спасеновски. 

Второто ниво, додаде тој, е консензусот помеѓу владејачките партии и опозицијата, што е многу важно како тема што е меѓуетничките односи. – Искрено верувам, судејќи по дискусиите, по настапите на колегите на оваа седница, дека навистина доколку постојат одредени забелешки можеби би можеле и тие да се вметнат во ова законско решение за да добиеме закон кој ќе биде прифатен не од 61 туку од 120 пратеници – рече Спасеновски.  

Третото важно ниво, како што кажа, е учеството на меѓународната заедница. Професорот Спасеновски истакна дека не случајно во овој закон била вклучена Венецијанската комисија. – Целта беше да се добие поддршка од трет независен фактор и тие со својот авторитет да кажат дали ова што сме го сработиле е добро или не е добро. Сметам дека е многу важно да се апстрахираме од политичките афинитети и перцепции со кои ги гледаме работите. Сметам дека треба да му се даде шанса на законот бидејќи со него се враќа тежиштето во однос на вработувањата во јавниот сектор во однос на принципот на заслуги, на мерит системот. Отпорот, пак, или евентуално жестоко противење кон начинот на којшто се регулираат овие теми во иднина можеби треба да се праша дали е тоа барање на одржување на статус квото – рече проф. Спасеновски.  

Седницата ја водеше претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, кој ја истакна важноста од вклучувањето на стручната и експертската јавност во процесот и повика на конструктивна и широка расправа, со цел преку заеднички придонес да се дојде до најсоодветно и квалитетно законско решение.

Реклама

Уште од Tоп