Увозот на струја на ЕСМ нема да ја поскапи струјата?

Увозот на струја немало да удри врз џебот на граѓаните после Нова Година – така барем упорно тврдат надлежните. Од ЕСМ потврдуваат, овој месец потрошиле повеќе и увезле повеќе струја отколку што планирале. Наредниот месец повторно ќе се купува струја од странство, а треба и да се произведе повеќе за да се покрие зголемената потрошувачка поради компаниите и училиштата кои ќе плаќаат поевтина струја. Ако во ноември се потрошиле приближно 20 милиони евра, сумата за увоз во декември ќе изнесува 25 милиони евра. Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека сепак овој трошок немало да падне врз грбот на населението од први јануари.

Во декември треба да проработат РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, прво со еден, а потоа со два котли. Додека пред само неколку дена надлежните уверуваа дека поисплатливо било да се увезува струја, отколку да се вклучи ТЕЦ Неготино во системот, сега се предомислија. Производната цена се намалила од 239 на 200 евра, па термоелектраната ќе проработи.

Иако ЕСМ се обврза да покрие 100% од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, увозот на струја придонесе да покриваат само 75%. Директорот Ковачевски уверува дека со ваквите набавки на струја ги штеделе ресурсите на мазут и јаглен. Иако надлежните уверуваат дека струјата нема да поскапе, факт е дека граѓаните ќе треба да плаќаат повеќе бидејќи ДДВ се зголемува од 5 на 10%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста