Антикорупциската комисија ги проверува семејно – бизнис – политичките врски на „Пуцко петрол“

Антикорупциската комисија ги испитува семејно – бизнис – политичките врски на „Пуцко петрол“. Оттаму за Алфа велат дека веќе имаат оформено предмет за компанијата.

  • „Во моментов на случајот работи посебна комисија и во наредниот период ќе излеземе со детали, во меѓувреме не можеме да откриеме повеќе информации,“ велат за Алфа од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Антикорупциската треба да испита дали има судир на интереси или тргување со влијание кога таткото е пратник, чичкото градоначалник, а синот односно внукот прв дистрибутер на нафта за државата?

Со „Пуцко петрол“ раководи Асмир Јахоски. Татко му, Исмаил Јахоски, влезе во Собранието преку изборната листа на ДУИ откако претходно во пет мандати беше градоначланик на Пласница. Сега со Општината раководи неговиот брат, Алија Јахоски.

Алфа побара став и од „Пуцко петрол“ – колкав процент од нивниот обрт отпаѓа на работење со државни институции и јавни претпијатија, дали ги имаат потребните складишта и капацитети за да се бават со трговија со нафта од ваков обем? Оттаму, до почетокот на вестите, не добивме конкретен на нашите прашања – иако ни беше кажано дека ќе биде испратен.

Според официјалните податоци од веб платформата „Јавни набавки“ оваа компанија ги добива речиси сите тендери за достава на горива на државните институции и јавните претпријатија – во просек на нејзина сметка од државниот буџет легнуваат по 82 илјади евра секој ден.

Само во последните три месеци и биле доделени тендери во вредност од над 7 милиони и 350 илјади евра.

Компанијата е формирана уште во 1992-та во селото Пласница, но најголем залет зема во последниве пет години, откако СДСМ со ДУИ доаѓа на власт. Оттогаш драстично е зголемена нејзината соработка со државните институции и станува главен добавувач на нафта.

„Пуцко“ во 2021-та имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра што е за 40% повеќе во однос на 2020-тата година. Компанијата се наоѓа на 67 место меѓу 100-те најголеми во Македонија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста