Зошто Заев молчи за последните навреди од Борисов?

Два дена молк од владата за ставовите на Бојко Борисов за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг дека македонците се преобратени Бугари и дека во Бугарија не постои македонско малцинство.Заев веројатно не чувствува потреба дека треба да реагира на тврдењата на бугарскиот премиер. Ниту тезите дека бугарите во Македонија под притисок на комунистите насилно се нарекувале Македонци не се доволна причина премиерот во овој случај да се стави во одбрана на националните и државните интереси. Алфа упати прашање, но не доби одговор дали и кога тоа ќе го стори.

За разлика од Борисов, Каракачанов со контроверзната изјава од пред неколку дена успеа да го испровоцира Заев за реакција, но единствено на Фејсбук. Откако бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер изјави дека Заев е Бугарин кому мозокот му работи споро.

Претседателот Пендаровски пак од интензивирањето на спорот со Бугарија ставовите ги искажува претежно во интервјуа или изјави за медиумите. На прашањето на Алфа зошто претседателот за отворените прашања нема обраќање до граѓаните од Вила Водно не одговорија конкретно. Од кабинетот на шефот на државата велат дека тој позициите ги има искажано во повеќе наврати. Повторно се повикуваат на интервјуа.

Претседателот Пендаровски својот став за неприфатливите барања на Бугарија го има јавно соопштено во повеќе наврати. Последен пат го истакна во интервјуто за сервисот на Дојче Веле на македонски јазик во кој истакна дека македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти, е заснован врз политички конструкции, велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

На 16 – ти Декември претседателот треба да се обрати и пред пратениците во собранието. Тоа ќе биде второ годишно обраќање откако е избран за претседател, а прво пред новоизбраниот парламент.

Професорката Елка Јачева Улчар од институтот за македонски јазик во изјава за Радио Лидер  вели дека според нејзините информации кај нашиот источен сосед има консензус за формулацијата за јазикот.

Ова е последниот удар кој ѝ се задава на Македонија. Прво се смени името, а сега ќе ни се обезимени и јазикот. Моите последни информации од пред половина час се дека во Софија е веќе договорено, да се прифати сите службени документи кои ќе се потпишуваат во иднина да се потпишуваат на службен јазик на Република Северна Македонија вели Улчар.

Поранeшниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев во колумна за Mакпрес пишува дека објаснувањето за новиот бугарски конзервативен национализам кон македонското прашање се состои во забошотување и бегање од историските факти за нивниот експанзионизам во балканските и Првата и Втората светска војна. Кај бугарите според Ѓорчев постои верување за нивна надмоќ над останатите балкански народи.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста