Зошто се гради монтажна болница на крајот од пандемијата?!

Наместо во пикот на корона вирусот, скопската Инфективна клиника доби нов монтажен објект на крајот од пандемијата. Велешката компанија „Брако“ се пофали оти за рекордно време изградила монтажен објект за лекување на Ковид позитивни пациенти. Но, ова ја отвора дилемата, зошто објектот се гради во мај, ако пикот на заразата се очекуваше кон крајот на минатиот месец? И дали монтажната болница ќе беше задоцнето решение ако на земјава и се случеше италијанското сценарио?

За новата болница, која ќе има капацитет од 72 легла, на Фејсбук се пофали и министерот Филипче.

„Ја амортизираме евентуалната оптеретеност на клиниката и даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита од корона вирус“.

Монтажната болница е инфраструктурно врзана со Инфективната клиника. Таа сега ќе се користи како КОВИД центар, а во иднина како ургентен центар за тријажа на пациентите. За нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци.

Претходно во кругот на Клиниката беа поставени и воени шатори кои требаше да послужат како времено решение во случај на зголемен број на пациенти. Сепак, за среќа пандемијата во земјава не букна, а бројот на кревети беше доволен да ги згрижи сите пациенти на кои им беше потребно болничко лекување.

Во, меѓувреме, нема ништо од најавената набавка на респиратори кои им се најпотребни на тешко болните пациенти. Јавната набавка неколку пати беше поништена, а надлежните се правдаа оти ниту еден економски оператор не бил во можност да ги испорача машините за толку краток период.

Биљана Божиновска