Зошто полицијата во Дубаи го испитува Пекер? – Повикан на распит и пуштен дома

Контроверзниот турски бизнисмен, кој поседува нелегален македонски пасош,  Седат Пекер на полициски распит во Дубаи. Турскиот новинар Алишер Делек објави дека криминалецот Пекер, кој со македонски фалсификуван пасош слободно циркулираше низ светот, е уапсен во Дубаи, откако турските власти претходно издале налог за негово апсење. По извесно време Пекер демантираше дека е уапсен, ама сепак потврди дека бил однесен во полиција.

– Драги мои пријатели, од пладне го напуштив местото каде што престојував но заедно со полициските власти. Сега се вратив на местото каде што престојувам со моето семејство. Имавме меѓусебен разговор поради интензитетот на обвинувањата против мене. Тие пак мене ме известија дека нема проблем да заминам или да останам во земјата, напиша Пекер.

Инаку Пекер е најбараниот криминалец во Турција и голем противник на претседателот Ердоган. Пекер се криел во неколку земји, Обединетите Арапски Емирати, Косово, но најдолго се задржал во Македонија каде имал статус на вип гостин. МВР го чувало со обезбедување, кога одел на „службени“ посети имало ротациски возила….Остварувал средби со луѓе од власта,  а се пофали и дека бил дома кај премиерот Заев иако за тоа немаше потврда.

-Јас сум Седат Пекер, го познавам премиер на Македонија, му бев на гости дома, сите други партиски лидери ги познавам. Добив депортирање поради 3 дена прекршување, тоа не можам да го прифатам, вели Пекер.

Пекер добил македонски документи и станал  Џадин Адемовски. Пекер без никаков проблем отишол во полициската станица во Драчево за да се слика за исправа. Потоа накратко бил протеран на Косово,  но по неколку недели без никаков проблем се враќа во Македонија да си го подигне документот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде ја обеделоденија аферата „Мафија“ велат дека само во Македонија благодарение на Заев и Спасовски, мафијаш станал почесен граѓанин.

Мафијаш кој што цел свет го бара, кој што сите светски агенции и министерства за внатрешни работи и на другите држави го бараат да го уапсат за сторените дела и криминал, само Зоран Заев и Оливер Спасовски го штитат. Тоа е многу едноставно, тие се луѓе кои што имаат ист начин на делување, тие се најверојатно и пријатели. Мене би ме чудело да беа пријатели со некој нобеловец. Но бидејќи нивниот начин на делување е таков, за тоа функционираат со луѓе како што е Седат Пекер, но и оние останати нарко босови и криминалци или мафијаши кои што ги видовме дека добиле пасоши од власта на СДСМ рече Арсовски.  

Во меѓувреме медиумите објавија дека уште еден од лицата со лажен македонски пасош Адмир Муратај, разбојник кој се барал со меѓународна потерница од Интерпол за убиство на полицајци, вооружени грабежи, употреба на експлозиви во Атина, откриено е дека учествувал и во големиот грабеж во 2019 година на аеродромот во Тирана каде беа украдени 10 милиони евра. Во престрелката бил убиен.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста