Низа неодговорени прашања – за што разговарал Филипче со Боки 13?
Која била неопходноста од разговори за изградба на болница со народни пари во удобноста на домашен амбиент на приватен имот? Зошто такви средби наместо по дома, Филипче не одржувал во министерскиот кабинет?
Низа прашања останаа „да висат“ по сведочењето на Орце Камчев во случајот „Рекет“, оти на една од средбите во домот на Боки 13 заедно со Зоран Милески – Кичеец, кој веќе призна дека примил награда за противзаконито влијание, а доби три години казна затвор, присуствувал и министерот за здравство. Кусо потоа и Филипче потврди оти бил кај Боки дома под изговор – се разговарало за проект за изградба на бoлницa.
Филипче не раскажал пред обвинител што се случувало кога тој бил на гости кај Боки на разговори за јавно-приватни партнерства.
-Надлежниот обвинител што постапува по предметот во текот на постапката оценува кое лице и кога ќе биде повикано. Во моментов лицето за кое покажувате интерес не е повикано од страна на обвинителството да даде исказ, соопштуваат оттаму.
Од Јавното обвинителство за Алфа додаваат дека не е повикан ниту адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова, за кого Камчев сведочеше оти бил присутен на средби кога од неговата сопруга Ана, се барале четири, шест, па осум милиони евра за купување на слобода за случајот „Империја“.
За потсетување Весна Димишкова е судијката која го ослободи Зоран Заев за случајот „Поткуп“, а таа го потпиша и налогот кој и овозможи на Катица Јанева да влезе и да изврши претрес во УБК, како и да се изврши увид во станот на сега покојниот Коста Крпач.
Сања Трајковска Ставров