Жолтица има, ама потреба за епидемија нема – здравствените власти не гледаат простор за паника

Опасност од ширење на заразна жолтица во главниот град. За само три месеци во Скопје биле заразени 60 лица. Меѓу нив, професор и 15-тина ученици од неколку скопски училишта. Хепатитот А бил дијагностициран кај ученици во пет основни и четири средни училишта. Заразените ученици биле ослободени од настава до целосно излекување на болеста, велат од Центарот за јавно здравје. Според надлежните изворот на заразата не се училиштата, но надзорот бил засилен во образовните установи. На Клиниката за инфективни болести во моментов има 13 пациенти со болница. Оттаму за Алфа велат дека утрово четворица биле пуштени на домашно лекување, а еден повозрасен човек бил ново дијагностициран со заразата. Сите се во добра состојба.

Од Министерството за здравство смируваат – место за паника нема, оти жолтицата не била високо заразна болест. Оттаму велат дека засега нема индиции од епидемиолозите за прогласување на епидемија на жолтица.

„За секој појавен случај, во кое било училиште, се врши детално чистење на објектот и зајакната дезинфекција посебно на санитарните јазли. Место за паника нема зошто жолтицата не е високо заразна болест како морбилите“, информираат од Здравство.

Болеста била регистрирана во повеќето скопски општини. На врвот е Сарај со 14 заболени. Девет заразени има во Ѓорче Петров, осум во Гази Баба и седум во Аеродром.

Хепатит А е болест на нечисти раце, велат лекарите, а најдобра превенција за спречување на заразата, според нив, е редовната хигиена.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста