ЗНМ го критикува односот на министерот Поповски

Вие многу добро знаете какво влијание имаше претходната власт и можеби се уште имате влијание од некои структури од претходната власт, изјави пред два дена министерот без ресор во Владата, Роберт Поповски, откако Алфа му постави прашање кое очигледно не му се допадна.

Министри да оценуваат работа на медиум не доликува за едно демократско општество, вели претседателката на Советот за етика во медиумите, Катарина Синадиновска.

-Сосема е јасно и дека како новинар и како претседател на Советот за етика, апсолутно апелирам да се воздржат сите министри и сите носители на јавни функции од ценење на работата на медиумите. Тоа за едно демократско општество не доликува. Подобро би било да се занимаваат со што им е опис и попис на работно место, а да остават медиумите да ги цениме ние како Совет за етика. Ние да оценуваме кога некој медиум погреши, тоа не е работа на министрите, тоа е наша работа како Совет за етика, изјави Синадиновска.

На Здружението на новинари му требаа три дена за да го осудат потегот на Поповски. Пред камерата на Алфа, претседателот на ЗНМ вели дека вакви изјави нема да доведат до подобрување на условите во медиумскиот простор, но сепак вината освен кај министерот ја префрли и кај медиумите, велејќи дека новинарите кои тој ги претставува, ги кршеле и ги кршат новинарските и професионалните стандарди.

-Принципиелно министрите би требло да се воздржуваат од изјави кои можат да бидат сфатени како етикетација на одредени медиуми без разлика за кој медиуми станува збор. Ние сме сведоци дека и во минатото и сега постојат медиуми кои што знаат да ги кршат и ги кршат и новинарските и професионални стандарди. Но, вакви изјави повторно нема да доведат до подобрување на медиумскиот простор.

Осуда за пораката на Роберт Поповски пристигна и од Македонската асоцијација на новинари.

-Недозволиво е министер во Владата да ги квалификува медиумите на било каков начин, наместо да соработува со нив. Жалиме што оценката на Брисел нема да биде позитивна за состојбата во медиумите и соработката на Владата, токму поради вакви случаеви. Брисел веќе еднаш и даде негативна оценка на Македонија, а благодарение на ваквото однесување повторно ќе се повтори, велат од МАН.

Поповски не е единствениот функционер од власта кој во последните денови имаше проблематичен однос со медиумите и вицепримерот Бујар Османи се закани со тужби до сите медиуми кои скандалот во ПИОМ го поврзуваат со функционери на ДУИ. ЗНМ ја осудуваат оваа закана на Османи, напоменувајќи дека работата на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините преставници, треба да се воздржат од вакви закани во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат.

Матеја Петровски