Живот на маргините во 21-от век на семејството Исламоски од прилепското село Канатларци

Куќа-плитарка. Изградена уште во турско. Забот на многулетијата одамна длабоко ги распукал ѕидовите, а сонот им станал кошмар од страв дека покривот ќе им се сруши врз глава. Полското ве-це пак, е приказна за себе. Тоа е домот на мајката Рамије и нејзиниот син Баки Исламоски од прилепското село Канатларци. Таа е со сериозни срцеви проблеми, а и трипати неделно мора да оди на дијализа, оти и бубрезите и’ откажуваат. Тој пак, е лице со посебни потреби кое без туѓа помош, не може да функционира. Живеат со 12.000 денари, кои главно ги даваат за лекарства.

Најтешко и’ e на ќерката и сестра Ајше, која иако веќе има свое семејство, сепак секојдневно се грижи и за мајката и братот.

Загрижени за иднината на овие луѓе, нивни роднини, неодамна покренале иницијатива за собирање средства од соселаните како би им изградиле попристоен дом, бидејќи сегашната куќа, заради руинираноста, не може да се реновира.

Овие скромни луѓе не бараат многу, па се надеваат дека и ЛС од Прилеп, но и надлежните институции ќе им помогнат за да им биде изграден безбеден дом за кој, со отворени очи сонуваат со години.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста