Жителите на Пештани најавуваат блокади на патот, ако не се срушат сите дивоградби во Градиште

Пештанци ќе го блокираат патот Охрид – Свети Наум и нема да дозволат влез во Градиште доколку не се рушат сите дивоградби во автокампот каде бесправно се заѕидува крајбрежјето, се врши узурпација на земјиштето на кое се градат објекти и од цврста градба. Зад иницијативата стојат 150 семејства од Пештани, кои со децении безуспешно се обидуваат со процесот на денационализација да си ги вратат одземените имоти токму во овој автокамп послан на исклучително атрактивна локација.

„Значи имаме управни постапки, водиме 20 години борба, се донесе законот, нека го спроведат законот, нека ги вратат имотите. Било земјоделско земјиште кога се одземало кажа и Државниот Јавен Правобранител од Охрид и комисијата ни дава цена од 275 ден од квадрат. Значи смешна цена, тука некој стопанисува бесправно, се богатат доаѓаат некои нови, новопечени бизнисмени а ние го трпиме сето тоа“ – вели Ѓорѓи Танески, претседател на здружение на граѓани Градиште “ Оревче “.

Танески сведочи дека со цел да ги обесшетат се обиделе да им замачкаат очи и да им ги подмачкаат џебовите последно, нудејќи им цена од 8.000 денари по метар квадратен, што е далеку од реалната цена. Тој изразува сомнеж и без влакна на јазик зборува дека зад овие матни игри со нивните имоти, стојат моќници на одговорни функции.

„Управниот суд во 5 наварти му укажува на грешките на првостепената комисија, му бара дајте пазарна цена од даночно одделение од Општина Охрид. Сигурно има моќници, несватливо е ако Управен суд носи 5 пресуди во наша корист, се уважуваат нашите жалби, тужби тие го повторуваат истите. Првостепената комисија значи има инволвирани од комисијата за денационализација“ – вели Танески.

Во Градиште се е незаконски изградено, бидејќи нема урбанистички план за тој потег. Ресторанот, тоалетите, рецепцијата ,се е тоа дивоградба, имаме и документи за тоа – вели Танески. И кога веќе никој не првзема ништо и камперите прават што сакаат, си доградуваат со метални конструкции со бекатони, си заѕидуваат и тоа веќе не се приколки, туку цели куќи – додава тој.

Неодамна под притисок на јавноста колку да не е без ич, од општинскиот градежен испекторат се растрчаа, спроведувајќи ја акцијата за рушење, но само на еден нелегално изградениот ѕид, а не и на останите објекти од цврста градба.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста