Жителите на Грчец добија струја откако излегоа на протест пред „ЕВН“ во Ѓорче Петров

По четири дена поминати во темница, жителите од скопско Грчец денеска добија струја, откако излегоа на протест пред седиштето на „ЕВН’ во Ѓорче Петров. На револтираните жители, полицијата не им дозволи насилно да влезат внатре.

Жителите од Грчец во знак на револт решија да протестираат пред пунктот на ЕВН во Ѓорче Петров, иако добар дел признаваат дека не плаќале.

Во меѓувреме децата веќе неколку дена не оделе во училиште зашто училниците рано наутро се студени.

– Ова е ужас децата не ни одат во школо, студено им е, катастрофа, се пожалија родителите пред камерата на Алфа.

Претходно, жителите се пожалија дека носеле облека на перење кај блиски или родини, а се привремено се грееле на плински боци.

Од ЕВН за Алфа тврдат дека Грчец е проблематично место, а жителите не дозволувале да пристапат екипите во селото, зашто дел од нив се приклучени на диво.

– Снабдувањето со електрична енергија во Грчец е нормализирано. Санирани се дефектите и постигнат е начален договор да се продолжи со реконструкцијата на дистрибутивната мрежа. Ова е епилогот од разговорите кои утрово се одвиваа меѓу претставниците на с. Грчец и Електродистрибуција. Екипите се упатија на терен да ги санираат дефектите и добија ветување дека нема да бидат напаѓани и спречувани во работата, велат од „ЕВН“.

И додека селаните од Грчец не веруваат дека станува збор за дефект, од „ЕВН“ се отворени за соработка и уверуваат дека проблемот ќе се реши на долг рок, а ќе се воведе ред во снабдувањето и наплатата на сметките за струја.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста