„ЅИД“ и „АВИВА“ од долгометражната селекција и, за прв пат на големото платно, студентските филмови на Тарковски вечерва на Филозофскиот филмски фестивал

Богата филмска и едукативна програма и на третиот ден од 11. Филозофски филмски фестивал во Кинотеката. 17 часот е терминот резервиран за проекцијата на „ЅИД“ (WYCIECZKA, 2019) во режија на Бартош Груџиецки (Bartosz Grudziecki). Филмот кој е дел од официјалната селекција на долгометражни филмови беше номиниран за највисоката награда на Софискиот филмски фестивал во 2019 год. Се работи за трилер за богатите и сиромашните, како и за самоуништувачката потрага по слободата. Филмот ќе биде пропратен и со онлајн интервју со режисерот Груџиецки во коешто режисерот ќе ни даде уникатен поглед во неговиот процес на работа, естетиката на филмот, но и улогата на уметниците/режисерите во едно општество..

„Ана која доаѓа од мирниот живот во едно мало, провинциско гратче, се запознава со Јоана и Анджеј, богата двојка од Варшава и им помага да ги пронајдат урнатините на некоја стара црква по кои тие упорно трагаат. Ана станува нивен водич и постепено се зближува со новите пријатели. Но невиното другарување наскоро се претвора во вознемирувачка игра и сиромашната девојка се покажува дека е „подобра“ Јоана и од самата Јоана, инстинктивно преземајќи ја улогата и станувајќи нејзина егзистенцијална закана“

По „ЅИД“ следува уште еден филм од официјалната селекција на долгометражни филмови „АВИВА“ (AVIVA, 2019) во режија на израелско-американскиот режисер Боаз Јакин (Boaz Yakin). Неговиот најнов филм кој што вклучува егзалтирачки танцови сцени и двајца протагонисти играни од четворица различни актери, нуди една возбудлива мешавина на мета-филм, перформанс и драма и го дофаќа оној незаприлив, немирен и флудиен момент во времето – токму сега – каде машко-женската динамика е демистифицирана и соголена како никогаш досега. За филмот Rollingstone едноставно ќе рече: „Сексуално исцеление, танц по танц“.

„Авива доаѓа од Париз, а Идн е од Њујорк. По долги електронски-маил преписки, конечно се среќаваат и се заљубуваат. Но животот им е полн борби, бидејќи во младите љубовници постојат завојувани страни на маскулинистичките и феминистичките енергии кои се борат за примарност. Преку сексуалноста и танцот се поместуваат родовите граници и се отвора една родова енигма којашто го преобразува односот што го имаме едните кон другите, но и односот кон самите себе (како андрогини суштества)“

Вечерва публиката ќе има ретка можност да ги погледне и краткометражните студентски филмови на рускиот режисер Андреј Тарковски  во соработка со Амбасадата на Руската федерација во Скопје, Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ и  Кинотеката на С. Македонија. Филмските остварувања на овој корифеј на седмата уметност, воедно и еден од најфилософичните режисери на сите времиња, освен денеска, ќе бидат прикажани и  во рамките на „Ретроспектива Тарковски“ по завршувањето на фестивалот. Проекциите на АНДРЕЈ РУБЉОВ, ИВАНОВОТО ДЕТСТВО, СОЛАРИС, ОГЛЕДАЛО, СТАЛКЕР, НОСТАЛГИЈА И ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ, љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да ги проследат и од 10-ти до 20-ти јуни, како во Кинотеката на Македонија, така и во киното „Киноверзум“, МСУ „Державин“ во Свети Николе . Вечерва, на отворено, во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката, ќе биде прикажан краткометражниот  „УБИЈЦИ“ (1956), првиот филм на Тарковски од филмската академија, адаптација на истоимениот класик на Хемингвеј.

По УБИЈЦИ ќе следува НЕМА ДА ИМА ОТПУШТАЊЕ ДЕНЕС (1959). Тој е втор филм на                                                                                                                         Тарковски од неговите студентски денови, трилер базиран на вистински поствоен инцидент, во кој Тарковски барајќи го својот стил,раскажува за група војници кои се обидуваат да пренесат сензитивна пратка со оружје во „експлозивна област“ со мини останати од Втората светска војна.

За крајот на богатата филмска вечер во Кинотеката, ќе биде прикажан и дипломскиот филм на Тарковски, ПАРНОТО ТРКАЛО И ВИОЛИНАТА (1960), топла приказна за една необична средба на малиот Саша, за којшто Тарковски добива највисока оценка.

„Седумгодишниот Саша вежба на виолината секој ден за да ги задоволи амбициите на неговата мајка. Веќе повлечен како резултат на дневнaтa рутинa со музиката, нешто за што честопати е потсмеван од другите деца во маалото, Саша брзо ја враќа самодовербата кога случајно ќе се сретне со Сергеј и ќе се спријателат. Сергеј работи на парно тркало во нивниот раскошен московски кварт. Додека Сергеј му раскажува на Саша приказни и случки од војната, Саша му свири на виолина на новиот пријател“

Краток онлајн вовед кон делата на Тарковски ќе даде специјалниот гостин на фестивалот, проф. д-р Игор Евлампиев од Институтот за филозофија на Државниот универзитет во Санкт Петерсбург, Русија. Тој е автор на книгата „Филозофијата на уметноста на Андреј Тарковски“ од 2001 која дава детална анализа на филозофскиот светоглед на Тарковски, ги разгледува неговите филмски дела во поширокиот контекст на руската и западната филозофија од 19. и 20. век, и го преиспитува односот меѓу филмот и филозофијата.

Како дел од Едукативната програма на фестивалот, денеска, исто така преку онлајн платформата Zoom, ќе се одржат и работилниците „Фил(м)ософија со деца “ со д-р Мартин Поповски. Услов за децата од 10 до 12 години  да учествуваат на работилницата е да го изгледаат филмот „Патешествието на принцот“, филозофска приказна за целото семејство на еден од најпознатите француски аниматори, Жан-Франсоа Лагиони достапен на VoD -платформата Cinesquare.net. Целта на работилницата ќе биде низ философска промисла инспирирана од филмската уметност, да се негува и развива детската вчудовиденост, љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“, без притоа детето да биде наведувано или да му бидат наметнувани гледишта и ставови кои самото низ својот критички апарат ги нема промислено.

Вчеравечер, во рамки на Филозофскиот филмски фестивал почнаа проекциите на отворено, во летното кино „Мирно лето“ во дворот на Кинотеката. Публиката имаше можност да го проследи македонскиот документарец КЕИФ на режисерот Блаже Дулев, по што следуваше оригиналното излагање на проф. д-р Ристо Солунчев (воедно и сценарист на филмот) на тема „Македонска музичка епистема,“ токму од аспект на филозофијата на музика.

Претходно беа прикажани две остварувања од компетитивната селекција на долгометражни филмови – најдобриот филм на „Хоризонти“ во Венеција „АТЛАНТИДА“ и добитникот на Гранд При од жирито во Шангај „ВДИШИ- ИЗДИШИ“.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста