Живот на ризик за мизерна плата – медицински сестри од болницата во Козле на работ на издржливоста

Живот на ризик за мизерна плата – медицински сестри од Детската болница во Козле се жалат оти секојдневно се изложени на ризик да заболат од вирусот откако болницата стана Ковид центар, а надлежните не се сетиле да им дадат ниту денар плус.

Гневни се и револтирани од игнорантскиот однос на министерот. Се пожалија до редакцијата на Алфа дека за овие 8 месеци додека се борат со корона пандемијата, не добиле ниту минимално покачување на платата, ниту пак било каква друга парична помош.

„Џабе министерот се фали дека биле качени платите на здравствените работници што лекуваат ковид позитивни пациенти. Ние сестрите во болницата во Козле работиме за 19.000 плата, не добивме ниту еднократна парична надокнада, ниту платежни картички како нашите колеги од другите Клиники“, ни пиша во допис медицинска сестра, чие име е познато на редакцијата.

Сестрите се жалат оти болницата во Козле во ноќната смена нема ниту болничар ниту хигиеничар, па тие покрај тоа што се грижат за лекувањето на пациентите зарзаени со корона вирус, самите морале и да ја одржуваат хигиената што им создава дополнителен напор кога се на дежурство. Таму во моментов се лекуваат 14 деца и 27 возрасни позитивни на вирусот.

Од Министерството за здравство признаваат – допрва ќе се разгледувала можноста и овие вработени да добијат платежни картички, како составен дел во ковид борбата. Министерот најави нови бонуси за медицинарите кои работат со ковид пациенти.

„Со ребалансот околу 60 милиони денари ќе се поделат на сите здравствени работници кои работат со корона пациенти. Списоците ги чекаме до крајот на неделава. Сите ќе добијат еднаква сума“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Докторите и медицинските сестри кои се во првите борбени линии не останаа имуни на корона вирусот. Од почетокот на пандемијата дури 1530 здравствени работници се заразиле со вирусот, а 12 од нив ја изгубија битката со болеста. Во моментов околу 250 здравствени работници се позитивни на ковид 19.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста