„ЖИТО“ маркети прослави 30 години постоење

Под знакот на жетвата и традицијата, во присуство на бројни гости и соработници, компанијата „Жито“ маркети го прослави своето 30 годишно работење. Со своите преку 850 вработени, синџирот маркети претставува препознатлив бренд во својата област. Од отворањето на првата маалска продавница во Велес, во далечната 1988 година па се до денес „Жито“ маркети располагаат со 54 супермаркети во речиси сите градови низ Македонија.

Како и секој дом, како и секое семејство, потребно е да се постават здрави темели кои се предуслов за понатамошен успех и развој, ги поздрави присутните сопственикот на компанијата.

– Денес кога се навраќам на почетоците, чувствувам обврска кон иднината и гордост кон минатото. Гордост за која е заслужен подеднакво секој наш купувач, сите Вие кои ни ја давате довербата цели 30 години. Оттука произлегува и нашата обврска кон сите Вас, свесни дека патот до успехот е полн со тешкотии и препреки но и дека е уште потешко задржувањето на врвот. На укажаната доверба, секогаш и секаде сме излегувале во пресрет на сите оние на кои им била потребна нашата поддршка. Наша должност е да бидеме најдобри во она што сме се определиле да го работиме, рече сопственикот на „Жито“ маркети, Јованче Ѓошевски.

Во ниту еден момент, како на почетокот кога беше приоритет да се имаат основните прехранбени производи во доволни количини, така и денес кога конкуренцијата е огромна и треба да се понуди нешто поразлично, не отстапуваме од нашите основни постулати на кои се потпира нашиот концепт за работа – ниски цени, љубезност и квалитет, велат комерцијалните директори на компанијата.

Многубројните добиени признанија, ни даваат дополнителен поттик во насока на секојдневно подобрување на квалитетот на услугата, велат од менаџментот.

Инаку, компанијата неуморно инвестира и во развој делува во повеќе области. Од 2006 година „Жито“ почнува со инвестиции во земјоделството, земајќи под концесија 220 хектари обработлива површина, засадена со овошни и лозови насади. Одбележувањето на компанијата „Жито“ маркети заврши со концерт на Љубојнa.

Борис Грујоски