Жителите на Новаци на протест – го блокираа патот кој води до РЕК „Битола“

Жителите на Новаци на протест – го блокираа патот кој води до РЕК „Битола“

    По 200, а некогаш и повеќе, шеесет-тонски камиони, товарени со јаглен за потребите на РЕК Битола, секојдневно транспортираат низ општина Новаци, најчесто со неприлагодена брзина. Испукани куќи, енормно аеро-загадување, но и максимално загрозена сообраќајна безбедност на новачани се само дел од проблемите со кои овие луѓе мака мачат во последниве години. Видно вознемирени после сообраќајката од пред десетина дена кога тракторист го загубил животот при судар со товарен камион, Денеска, тие два часа го блокираа патот низ ова населено место, не дозволувајќи огромната колона товарени камиони да стигне до одредиштето,   

   „Протестираме заради тоа што сме незадоволни од тоа како сите моторни возила сообраќаат низ нашето населено место Новаци и општина Новаци, поради несоодветната брзина со која што се движат и проблемите кои што се случуваат. Како што знаете, се случи и еден немил настан каде што почина еден наш сограѓанин. Поради тоа, ние денеска излегуваме по втор пат и ги блокираме сите влезови во селото“, – рече Даниел Петровски, Иницијативен одбор.

   Дека состојбата е повеќе од алатмантна, потврдува и градоначалникот на Новаци. Тој вели дека овој сообраќаен хаос бил резултат на повеќегодишното криминално работење на власта во заминување, предводена од ДУИ и СДСМ, особено во стопанисувањето со РЕК Битола и тоталната негрижа за месното население.

  „Барањата се пред се да се направи Обиколница која што ќе го избегне Новаци со движење на тешки товарни возила коишто ќе возат до РЕК Битола, ако и во иднина се планира да се снабдува на ваков начин со јаглен, кој што знаете дека досега оваа криминална Влада го обезбедуваше од увоз од соседните земји, а не се презедоа мерки да се ископува и да се експлоатира нашиот јаглен“, – изјави Стевче Стевановски, градоначалник на о. Новаци.

  По ваквиот развој на настаните, на социјалните мрежи се огласи и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој освен што им даде јавна поддршка на жителите на Новаци, тој потсети и дека власта на СДС и ДУИ на заминување прави масовен грабеж на ЕЛЕМ и РЕК Битола. „Целта е да се искраде се’ што може на заминување. Тендери се штанцаат на дневна основа, а десетици камиони дневно носат увезен јаглен, транзитирајќи низ Новаци кон РЕК Битола, пришто еден човек го загуби и животот. По формирањето на новата Влада, криминалците ќе одговараат“, напиша Николовски.

  Во меѓувреме, жителите на Новаци бараат итно да се регулира сообраќајот низ населеното место со поставување на соодветна сообраќајна сигнализација и со поголема присутност на полицијата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )