Жителите на Луковица осум дена отсечени без храна и лекови

Десетина дена жителите на планинското село Луковица на Сува Гора во Општина Желино се отсечени од светот поради неисчистениот снег од патот.  Иако зимава два пати паѓал повисок снег и бил чистен, според месната заедница сега тоа не е направено. Безуспешна е нивната комуникација со општината.

Патот не е продооден. Денес разговарав со директорот на ЈКП Желино кажа дека ќе биде. Ќе го очистат. Извршив контакт со градоначалникот кој кажа дека не знае ништо, ќе разговарал и ќе прател возило. Сакам да кажем дека највише не иритира локалниот пат од Групчин до Седларево, два пати е чистен, а нашиот дел не е очистен – изјави Миле Сибиновски од Месна заедница.

Таму сега живеат околу 45 луѓе, а единствено може да се излезе и влезе во селото само со едно теренско возило шти го има тамошен сточар. Сега се надеваат на подобро време па да се стопи снегот.

Моментално што имаме залиха тоа трошиме. Многу се кратки залихите, така да ќе мораме. Не знам како ќе се снајдеме. Ќе видимо. Само Господ ако ни даде да не врне снег више – изјави Борче Милошевски, жител на Луковица.

 Они се снаоѓаат, залиха земаат, меѓутоа им е при крај залихата што не можат да дојдат. Исто така има стари луѓе што не можат да дојдат до најблиската станица медицинска установа за да земат лекарства – изјави Ацо Спасеновски од Црковен одбор.

ОД Општина Желино во текот на денот на добивме одговор за состојбата со отстранување на снегот. Луковица е меѓу ретките села во државата до кое нема асфалтиран пат.Коловозна лента има до месноста „Крстец“ односно крстосница каде патот продолжува до Седларево или се оди лево до Луковица. 

Александар Самарџиев

Advertisements