Жители на Штип и Кочани во страв за сопствената безбедност, бараат поголема ажурност од полицијата

Без сон и во страв, вака подолго време живеат жителите на кочанската населба Трајаново трло. Излегувајќи на мирен протест побараа засилени полициски контроли и поголема ажурност во фаќање на крадците кои во ноќните часови им ги демнат домовите.

„Кражбите се многу зголемени. Се влегува во домовите. Не се бира и дење и ноќе оперираат. Ги плашат жените и децата. По цела вечер дежураме, одиме во патроли за да ги бараме крадците“, вели Мирче Павлов од иницијативниот одбор на протестот.

Дека работите во оваа населба се излезени од контрола, потврди и кочанскиот градоначалник. По состанокот со началникот на полицијата на граѓаните им вети дека ќе бидат преземени сите мерки за мирот повторно да се врати.

„Лично очекувам дека надлежните ќе ги преземат сите мерки и работи кои се во нивна надлежност и ќе допринесат за враќање на редот, односно како што заслужуват сите граѓани да имат мир во своите домови и да се намалат кражбите“, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Од полицијата велат дека се преземаат плански мерки за зголемување на безбедноста на граѓаните, а истовремено дека постапуват по пријави на граѓани.

Проблем со дрските крадци немаат само кочанчани. Подолго време на кражби и разбојништва се жалат и жителите на улицата „Панче Карагозов“ во Штип. Велат дека се заложници во сопствените домови, живеејки буквално во кафези, со високи огради , решетки на прозорците и вратите. Најчесто крадците се група на малолетници, а нивна мета се постарите граѓани.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста