Жестоки реакции за логото, Котлар: македонските чествувања не се „северни“

Македонското осумкрако сонце стана 12-крако откако владата го објави скандалозното лого за одбележувањето на 30 години од прогласувањето на независност на Македонија со целосно погрешен приказ на македонскиот симбол. Но не е само логото проблем, според владата Македонија ќе слави 30 години како северна, а за утеха останува само кодот МК.

Историчарите гневни на власта, велат дека недозволиво е македонската посебност да се поистоветува со творба која беше создадена за политички пазар во 2018-та. За универзитетската професорка Наташа Котлар логото кое го промовира Владата наликува на регистарска табличка, а децидна е дека чествувањата за македонската независност, не можат да бидат северни…

По бурата реакции во јавноста, владата побрза да се оправда па преку соопштение вели дека скандалозното лого не било знамето туку одбрана илустрација на сонце.

„Логото не го содржи државното знаме, Сонцето кое е употребено во логото е различно од Сонцето од државното знаме“ реагираат од Владата.

Откако неколкупати го утнаа знамето на странските делегации, пиар тимот на владата случајно или не успеа да го погреши и македонското. Објавеното лого предизвика цела лавина од реакции кај јавноста која бара негово итно повлекување. Инаку автор на логото е тимот графички дизајнери при Секторот за односи со јавноста во Владата.

Остри реaкции има и поради користењето на терминот северна Mакедонија, со што всушност се прави историски фалсификат бидејќи се чини дека се одбележуваат 30 години со името Северна Македонија, кое е сменето во 2018, а не 30 години од независноста. ПО лавината негативни коментари, од Илинденска се објаснуваат дека знамето на Република Северна Македонија има специфична државна вредност и дека истото не треба да се става во логоа за прослави туку истото треба да се користи издвоено, засебно, чисто, со јасно истакнување на настани и исклучиво онака како што е пропишано со Законот за употреба на грбот, химната и знамето.

Затоа, сонцето употребено во логото за 30-години независност е со поинакви и поголем број краци од сонцето од државното знаме.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста