Жестоки реакции за вчерашниот медиумски мрак

Жестоки реакции за медиумскиот мрак откако вчера на еден час кабелските оператори ги исклучија сите телевизиски канали, со исклучок на јавниот сервис – МРТ. Од Македонската медиумска асоцијација која ги обединува 5-те национални телевизии се заканија со кривични пријави и ги обвинија операторите за упад во нивните телевизиски програми. Очекуваат Владата да не подлегне на уцените и силеџиството од операторите. На операторите кои сметаат дека се работи за неуставна законска регулатива со која треба да ги пререгистрираат странските програмски сервиси во рок од 60 дена и да гарантираат за авторските права на програмите им порачаа да се обратат до Уставниот суд, а не да ги прекршуваат правата на гледачите.

„Оние кои произведуваат програма знаат дека екранот е светост, кон црн екран применуваат само оние што не знаат колку е тешка работата да се произведе гледана и квалитетна содржина, туку се научени без никаква надокнада да преземаат содржина и од тоа да прават профити. Особено сме изненадени од самоволието на Дојче Телеком и А1 Австрија, како убедливо најголеми оператори, бидејќи знаеме дека овие компании не би ни помислиле да сторат вакви кривични дела во нивните држави“ – велат од ММА.

Остра реакција и од Сојузот на стопански комори. Го осудија потегот на операторите. Ги упатија проблемот да го решаваат со институциите, а не на грбот на граѓаните.

И министерот Дамјан Манчевски тврди дека се работи за повреда на законот. Програмата можела да се стопира без дозвола на корисниците само поради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостатоци на мрежата. Казните за ваквиот прекршок изнесувале 20 илјади евра и дополнителна забрана за вршење на дејност до 3 години. Граѓаните можеле да побараат надомест на штета. Манчевски е оптимист дека проблемот ќе се реши пред состојбата да ескалира.

Неговата дополнителна заменичка Невенка Стаменковска вината ја гледа кај власта на СДСМ затоа што со нетранспарентно носење на законот во февруари и Уредбата со законска сила во мај предизвикала потенцијален медиумски мрак.

Инаку операторите се закануваат дека ова е само почеток. Делумно ќе ја исклучуваат програмата, се до 8-ми август кога речиси целосно ќе го затемнат медиумскиот телевизиски простор.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста