Жестоки реакции на социјалните мрежи по потегот на Шекеринска

Жестоки реакции во јавноста за потегот на министерката за одбрана која се сликаше пред симболи на УЧК. Социјалните мрежи се преплавени со негативни коментари за фотографиите на кои министерката со градоначалникот на Кичево, во неговата канцеларија, позира пред знамиња и амблеми на таканаречената ослободителна војска. Лица од армијата, но и повеќе јавни личности сметаат дека Шекеринска гази по гробовите на бранителите.

„Вице премиер и министер за одбрана не реагира зошто во канцеларијата на актуелен градоначалник нема државни симболи – знаме и грб и со гордост гази врз гробовите на бранителите”, пишува полковникот Драган Ковачки.

„Не остана ништо од Македонија. Македонците станаа балкански Курди. Народ без држава
Ова треба да е министер за одбрана, а не министер за резил“, коментира актерот Сашо Тасевски.

Шекеринска пак не гледа проблем во тоа што се фотографирала пред симболи на паравоена формација која иницираше конфликт во Македонија во 2001 во кој загинаа осумдесетина припадници на македонските безбедносни сили. На Фејсбук Шекеринска напиша дека настаните од 2001 се далеку зад нас.

“Дејствијата од 2001 се далеку зад нас. Нашето општество ја надмина воената криза на демократски и траен начин, за што сведочиме денес, 19 години подоцна, кога сме членка на НАТО.
Во 2020 година најважно е дали политичарите им служат на граѓаните. Иконографиите не се репер за добро управување, служењето на граѓаните е репер” – пишува Радмила Шекеринска.

Фотографии на Дехари и Шекеринска со иконографија од 2001 беа објавени на фејсбук страницата на кичевскиот градоначалник. На нив не можеше да се забележи македонско знаме.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста