Жените Ромки повторно останаа без матичен гинеколог

Старо – нови проблеми за жените од Шуто Оризари. И покрај ветувањата на надлежните дека проблемот со недостиг на гинеколог ќе добие трајно решение, тие од минатата недела останаа без единствената докторка –гинеколог која во земјава дојде дури од Албанија. Таа преку соопштение ги известила своите пациенти оти ординацијата ја сели во Синѓелиќ. На ова реагираа од Иницијативата на жени.

„Доеничката смртност кај ромската популација е значително повисока во однос на не ромското население. Апелираме до Министерството веднаш да најде решение за овој проблем“, вели Салија Бекир Халим.

Министерот призна, докторката пред една недела побарала од Министерството ординацијата да ја пресели во друга општина. За проблемот вели ќе се бара ново решение – во меѓувреме специјалисти ќе ротирале во испразнетата ординација.

„Разговараме со неколку институции да видиме дали можеме да обезбедиме гинеколог по системот на ротација. Доколку не може, ќе обезбедиме средства за дополнителна стимулација преку програмата на Министерството за здравство, за таму да има еден гинеколог“, изјави Филипче.

Гинеколошката ординација во оваа населба беше затворена со години, бидејќи немаше заинтересирани гинеколози, па надлежните решение најдоа во докторката од Албанија. Таа во ординацијата работеше три години.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста