Земјоделство и здравство креваат раменици: Кој сади марихуана во Петровец?

Никој не знае кој сади марихуана под прозорците на жителите на Петровец. Фирмата која веќе започна со подготовките за засадување на канабис за медицински цели според институциите нема дозвола од никого, но никој и не открива кој стои зад неа.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека никаква апликација од компанија за овој бизнис не стигнала до неговото министерство.

-Компанијата која аплицирала во моментов немам увид, таков документ не е стигнат и не знам дека некоја компанија во Петровец, во населено место аплцирала за таква плантажа, вели Филипче.

Ставот на министерот денеска беше причина да се предомислат и од министерството за земјоделие, па од таму ни испратија нов одговор, дека нема дозвола за фирмата која сади марихуана во Петровец. Вчера од таму го тврдеа спротивното.

Дека ќе се сади канабис во Петровец вчера потврди градоначалникот на оваа општина, но тој кажа дека нема никакви ингеренции околу овој случај, дека тоа е во рацете на двете министерства.

-Баш никакви ингеренции и плус таа парцела што ја имаат купено за одгледување на марихуана е надвор од градежен реон, значи општината воопшто не ни дава дозволи, вели градоначалникот Борче Митевски.

Филипче тврди дека не знае за која компанија станува збор, а во Република Македонија, дозвола за одгледување на канабис имаат 10 фирми, а учество во овој бизнис има и семејството на премиерот Зоран Заев.

Матеја Петровски