Земјоделците од Светиниколско го блокираа патот Штип – Велес

Земјоделците од Светиниколско го блокираа патот Штип – Велес

Нивите жедни за вода ги обедини земјоделците од петнаесетина села во Овчеполието. Точно напладне со трактори го блокираа регионалниот пат Штип-Велес. Најпрвин направија целосна блокада, но по  асистенција на полицијата едната коловозна лента ја ослободија за сообраќај

Револтот и гневот кај земјоделците  е огромен бидејќи како што велат и ова лето се излажани и изманипулирани од надлежните во АД Водостопанство.

   „Вода добивме во петок вечерта и имавме до вчера сабајле вода. Сега нема капка вода во каналот. Овој народ има последици и бараме што побрзо да дојде водата„ изјави земјоделецот Драги Павлов од село Црнилиште. .

  „Ние во Овче Поле речиси секоја година го имаме истиот проблем. На пример во изминатите години на самиот старт имавме вода за полевање. Имавме и критични моменти, но оваа сезона воопшто не сме добиле„  вели Атанас Сазодовски. .

   Според земјоделците за вода буквално горат околу 1600 хектари, а штетите во нивите се веќе огромни.

  „Имаме штети. Ни изгоре мумуруската, бостанот, дињите. Се ни изгоре! Еве сега и житотот…срамно за оваа држава„ изјави Владо Здравковски, земјоделец од Ерџелија.

Доколку во текот на денот надлежните не изнајдат решение земјоделците најавија нови блокади, а истовремено побараа моменталниот директор на кочанската подружница на Водовод да сноси одговорност поради настаната ситуација.

„Под хитно власта да го смене и кривично да одговара, бидејќи си игра мајтап со нас. Ова секоја година го трпеме„ изјави земјоделецот Драги Павлов.

Од Водостопанство Кочани, посочуваат дека водата е запрена, но поради тоа што се следел распоредот за наводнување. Во моментот водата се пренасочува кон нивите под ориз во кочанско, кои треба да бидат наполнети со вода. И лани земјоделците од Овчеполието молеа за вода. Иако си ги плаќаа сметките водата тешко си го наоѓаше патот до нивните ниви.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )