Земјоделците бараат прогласување состојба на елементарна непогода и итна исплата на средствата од петтиот Ковид-пакет

И понатаму, нема крај за маките од македонските земјоделци. Се уште незапочнатата исплатата на помошта од Петтиот Ковид-пакет, недоисплатените субвенции и покрај веќе намирените долгови за водарина и пашарина, и последно, сушата и силното невреме од минатата недела кое во одредени реони родот го уништил и до 80 проценти, повторно ги дигна на нозе. Според координаторот на новоформираните тутунски здруженија, Игор Мирчески, состојбата е повеќе од очајна, па утринава тие упатија нов, јавен апел до власта.

„Бараме на првата седница која ќе ја свикате во Собранието да го изгласате тој фамозен Петти пакет, бидејќи тие средства нам ни се потребни веднаш и сега. А секое друго одложување ќе го сметаме како вршење притисок и начин за поткуп за изборите кои следат“, стои во јавниот апел од македонските земјоделци.

Освен ова, тие бараат и прогласување состојба на елементарна непогода, како и да се изнајдат начини за обесшететување на сите земјодлеци, кои во оваа реколта, заради неповолните временски прилики, претрпеле огромни штети.

„Во оваа реколта трпиме огромни штети  од неповолните временски услови, настанати од сушата и од врнежите од град каде во некои реони, родот на тутунопроизводителите и земјоделците им е уништен и преку 80 проценти. Исто така, бараме и вклучување на тутунарите и сточарите во мерката „зелена нафта“, бидејќи, ако сте заборавиле и ние нивите ги обработуваме со трактори и друга механизација“, – реагираат од Здружението на новоформираните тутунски здруженија.

Инаку, како што веќе е познато, македонските земјоделци, минатиот месец излегоа на предупредувачки генерален земјоделски протест, за кој, како што велат, во овој период само бил ставен во мирување и не ја исклучуваат можноста за повторно да биде активиран, доколку и овој пат бидат изигнорирани овие нивни барања, а кои се провлекуваат повеќе месеци.

Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста