Земјоделците незадоволни од мерките на Владата, награда од 20% за здравствените работници

Земјоделците незадоволни од мерките на Владата. Од Националната федерација на фармери се револтирани бидејќи помошта за исплата на плата до 14.500 денари и бескаматните кредити од Развојната банка не можеле да ги искористат сите земјоделци. Проблем бил Законот според кој се регистрирани. Трговците поединци можеле да аплицираат за помош, но не и оние индивидуални земјоделци кои се регистрирани според законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во третиот сет мерки од Владата, бараат субвенции за зелена нафта до 50%, начин за задржување на сезонските работници во земјава, да се овозможи користењето на банкарската гаранција, како метод за исплата на откупена количина, како и почести контроли на откупните пунктови.

„Развојната банка да понуди кредити без камата, без дополнителни оптоварувања со хипотеки и флексибилен период на отплати или да ја вклучи оваа категорија на регистрирани земјоделци дополнително во рамките на јавниот повик за поднесување на апликации за директно кредитирање на претпријатија од Компензационите фондови од странска помош“ – велат од НФФ.

Третиот пакет мерки треба да биде објавен наредната недела. Според документот до кој дојде Алфа, тој треба да „тежи“ 355 милиони евра. Во него, се предвидени 76 милиони евра кои треба да се вбризгаат во земјоделството. 5 милиони преку Развојната Банка, а приближно толку и за зелена нафта. 50 илјади земјоделци треба да добијат 50% субвенции за набавка на гориво преку платежни картички. Ова беше предизборно ветување на СДСМ уште пред 4 години, кое го реализираше со задоцнување и половично, односно наместо 50%, се покриваа 30% од трошоците за гориво. Ќе се реализира дури сега како антикризна мерка.

Со третиот пакет мерки се предвидува награда од 20% од основната плата за 3.000 здравствени работници, помош од 150 евра за невработените и социјалците, како и ваучери за дел од средношколците и студентите.
2,5 милиони евра плус ќе бидат одвоени за надомест за невработеност за период од два месеци за случаите кога работниот однос завршил со давање писмена изјава за престанок, спогодбен отказ или отказ од страна на работодавачот.

Ваучери за туризам, односно за аранжмани во домашните летувалишта во вредност од 100 евра, плус домашна картичка од 50 евра, можат да добијат оние со плата до 16 илјади денари.

204 милиони евра треба да бидат директна помош за стопанството. Од нив, 31 милион евра со 30% грант во бескаматни кредити за микро и малите претпријатија преку Развојната Банка, ќе има државни гаранции за комерцијалните кредити кои извозниците и компаниите од индустријата ќе ги земат во посткризниот период, гаранции за обезбедување на царински долгови, како и 25 милиони евра за зголемување на комкурентноста на компаниите.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста