Железничкиот сообраќај во прекин, машиновозачите гневни на раководството

Железничкиот сообраќај низ Македонија во колапс. Возовите речиси цел ден не сообраќаат, персоналот револтиран од менаџментот зашто не останал на ветувањето. Машиновозачите бараат покачување на додатокот за квалитет за 10%, односно да се врати на нивото од 2007. Колку време ќе трае бојкотот на работниците не се знае, зашто менаџментот на компанијата останал глув на нивните барања.

– Со антикризните мерки ни го намалија надоместокотн за квалитет на 20%. Но, некој од директорите си земал за право да наградува одредена категорија на работници, а не знам по кој критериум. Кога разбравме ние, си побаравме и нас квалитетот да ни биде качен,нодносно да ни биде вратен какошто бил порано. Согласно колективниот договор имаме издржано барање за да биде 40 проценти. Во договорот пишува поради намален број на извршители, доколку работниот циклус се одвива без проблеми, ќе добиеме надомест од 10%. Тоа ние не го добиваме, иако работиме со половина број на машиновозачи. Треба да има 140, а ние сме 72. Има и уште еден член кој вика доколку бидеме повика од дома на слободен ден, ќе добиеме надомест. Ни тоа не ни го даваат, објаснува Чакаровски.

Машиновозачите велат дека по изборите, ќе бараат и зголемување на основната плата од 300 евра, зашто работниците, барем оние кои останале, ги пакувале куферите за Германија.

Алфа го побара директорот на МЖ Транспорт, но тој не одговори на нашите повици. Затоа од таму преку соопштение рекоа дека прекинот на работа бил не законски, и за прекинот требало да има известување.

Во меѓувреме, министерот за транспорт рече дека годинава во буџетот на министерството предвидени биле 430 милиони денари за субвенционирање на патните трошоци, по барање на МЖ Транспорт. Но конкретно за проблемот не кажа.

Сега во Железници има 72 машиновозачи, од кои 64 активно возат. Според планот, на компанијата потребни и се 140 машиновозачи, кои во моментов државава ги нема.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста