„Зелената такса“ оди во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ: Ова е кризен данок, ќе разгледаме па ќе одлучиме

Законот за еколошката такса која со себе го носи зголемувањето на цената на горивата патува накај Собранието. Владата  го утврди текстот на законските измени, кои предвидуваат зголемување за 4,13 денари по литар за сите нафтени деривати. Единствено, за еден од моторниот безоловни бензини, ќе изнесува 3,1 денари без ДДВ.

Законските измени за новиот зелен данок сега ќе бидат во рацете на народните избраници. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го разгледаат предлог законот пред да одлучат дали ќе гласаат за него, но според нив ова е товар на грбот на граѓаните. Од партијата велат дека Владата прави погрешен чекор па наместо да се воведе построга контрола на мерење на емисијата на издувни гасови при регистрација на возилата предлага линеарно зголемување на цените на горивата за сите. ВМРО-ДПМНЕ смета дека станува збор за несоодветна и штетна мерка, а еколошката такса ја споредуваат со кризен данок.

Нè убедуваат дека зголемените цени на горивата почивале на познатиот принцип „загадувачот плаќа“. Почитувани, ова значи дека не треба да очекуваме некој позначителен ефект од оваа нова давачка врз однесувањето на граѓаните. Мерката ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во буџетот. Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за КРИЗЕН ДАНОК. А познато е дека кризните даноци, по правило, се воведуваат по завршувањето на одредена кризна ситуација, а не во ек на самата криза, за да не ја продлабочат дополнително постојната криза– рече Трајко Славевски – ВМРО-ДПМНЕ.

Со новата еколошка давачка, годишно во државната каса ќе влегуваат 54 милиони евра.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста