Зеќири е во притвор, одбраната најави жалба, можно ли е за сето ова екс-премиерот Заев да не знаел?

Доскорешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири синоќа пред полноќ замина во Шутка. Судијата Васе Динковски го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за 30 дневен притвор бидејќи постоеле сомнежи дека може да го повтори делото или да избега.  

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна остапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена – информираа од Кривичниот суд.

Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани, кои во моментов се недостапни на органите за прогон. Сомнежите се дека Зеќири го оштетил државниот буџет за речиси еден милион евра.

Вчера, пред да пристигне во судот на распит, Зеќири поднесе неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата. „Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност“ – соопшти Мухамед Зеќири.

Ова не е прв случај, високи владини функционери да се товарат за дела со кои го оштетиле буџетот. И претходниот генерален секретар Драги Рашковски се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна злоупотребил службената положба за набавка на софтвер за сообраќајни казни.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста