Здружението на млади правници со критики за Законот за државјанство

Здружението на млади правници со критики за предлог измените на Законот за државјанство кои кришум и без јавна дебата влегоа во Парламентот. Од Здружението велат дека вака срочено законското решение нема да го реши реалниот проблем на граѓаните кои со децении чекаат да добијат државјанство. Наспроти тоа, стравуваат дека законот ќе овозможи лица што воопшто не живеат во Македонија ќе добијат можност да извадат македонско државјанство. Текстот на законот велат е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за какви било коментари, мислења и предлози.

„30 години Македонија не може да ги реши случаите на бездржавјанство и сега гледаме пред нас некои формулации кои се однесуваат на добивање на државјанство за лица кои што можеби и не живеат на територија на Македонија, лива кои пред 1991 година имале некаков однос со државата меѓутоа не е утврдено колку време требало да живеат, да престојуваат во Македонија, а од друга страна гледаме случаи на кои работи нашата организација, деца кои што се родени после ’91 година немаат никакво државјанство, живеат на нашата територија и овој Закон нема да ги опфати нив нажалост“, вели Зоран Дранговски од Здружението на млади правници.

Дранговски вели дека побарале од собранискиот спикер Талат Џафери да свика јавна седница за Законот, на која ќе може експретите да дадат свои предлози околу законското решение. До сега одговор за вклученост на јавноста нема.

„Сметаме дека носењето на овој Закон, вака како што е, е пропуштена шанса за да се донесе квалитетно решение, да се слушне стручната јавност што мисли. И нели сепак, ова е демократски процес носењето на Закони. Мора секој да има увид во тоа што се носи, да има можност да го разгледа, да предложи, да се дискутира, а тоа не го гледаме во овој закон кои оди по скратена постапка“, додава Дранговски.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите за планот на власта со европско знаменце да го протурка контроверзниот закон за државјанство. Остра реакција стигна и од Координативното тело на македонците во светот кои стравуваат дека вака предложениот закон води кон федерализација на Македонија.

Македонците во светот предупредуваат дека критериумуте и условите кои се наведуваат во предложените измени се надвор од европската регулатива и претставуваат предмет на потсмев и правна деградација. „Во ниту една од државите на еу не постојат критериуми кои соодветствуваат на предложените измени од владата, како платени сметки за вода, струја, лекар, штедни книшки, школо, непознавање на јазикот…“, се вели во реакцијата на координативното тело на македонците од светот.

Според нив, целта на донесувањето на овој закон е задоволување на апетитите на албанските политички структури и враќање на предизборниот долг на владејачката партија спрема нејзините коалициони партнери. Ги осудуваат предложените измени и ги повикуваат македонските политички сили во Собранието и надвор од него, да го оспорат и бојкотираат овој, според нив, антиевропски закон за државјанство.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста