Здружение ЕСЕ: Транспарентноста за јавните набавки во здравството се намалува од година во година

Здравството има тенденција да биде еден од најкорумпираните сектори – алармираат од Здружението ЕСЕ. Во нивното истражувањето на јавните набавки спроведени токму во овој сектор во периодот пред корона кризата, најмногу пари потрошило Министерството за здравство, а транспарентноста кај оваа институција била најниска во 2019 година. Бројот на компании кои низ годините аплицирале на тендерите опаѓал, што остава сомнеж оти одредени фирми се фаворизираат на сметка на други помали компании.

„Во 2019 година еден договор чинел 1,3 милиони денари, а во 2016 чинел 0,9 милиони денари, што е значителна разлика. Имаме помал број на договори, но поскапи. Во 2019 година најскапиот договор е склучен со една компанија, тоа е компанијата Др. Пановски. Едно истражување на ОЕЦД покажува дека корупцијата во јавните набавки во здравството цути“, вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.

Од Здружението алармираат оти најниската цена не смее да биде критериум наспроти квалитетот кој е особено важен за пациентите.

„Начинот на кој што досега се спроведувале постапките покажува дека се спроведуваат на не доволно ефикасен и ефективен начин зошто повторно се соочуваме со проблеми да граѓаните кога ќе одат во одредена здравствена институција треба сами да си го купат одредениот лек или одредениот материјал како што се завои и слично“, додава Антиќ.

На можни злоупотреби во јавните набавки укажува и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Тие утврдиле дека кај дури 30 отсто од договорите склучени за време на пандемијата се разговарало само со еден понудувач, а разлики имало и во цените за исти производи кои ги плаќале различни институции. 6,7 милиони евра потрошила државата за јавни набавки во првите шест месеци од корона кризата. Само Министерството за здравство и ГОБ 8 Септември од март до август потрошиле 1,2 милиони евра за 57 јавни набавки.

Од Центарот за граѓански комуникации заклучиле дека кај дел од договорите непрецизно биле опишани стоките што се набавуваат, на пример, дали станува збор за респираторни или заштитни маски, или скафандери за една или за повеќекратна употреба што според нив остава простор да се наплати цената за поскапиот од овие производи, а да се испорача поевтиниот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста